Активисти од иницијативата „Не биди ѓубре“ и здружението О2 попладнево симболично запалија смет пред Владата за да им укажат на надлежните како се живее во Визбегово и во главниот град, каде чадот е секојдневие.

– Денешната акција е наменета за Владата, за да видат, ако не виделе до сега, како е да се живее еден ден во скопско Визбегово, а и на многу други места низ земјава каде постојано чури запалено ѓубре, депонии – велат од Иницијативата О2.
– Ѓубрето го оставивме пред Влада, чадот од димните машини да осетат како живееме во градов и земјава каде се гушиме, со затворени прозори живееме и лето и зима, отруени сме. Тие што треба да го регулираат отпадот, ѓубрето спијат, ич не им се брза. Немаме ништо од трите РРР – Редуцирај, Реупотреби, Рециклирај, во град со огромен број на индивидуални домови, зелениот отпад, лисја, гранки, завршуваат на Дрисла, наместо да се компостираат. Се пали онаму каде нема поставено контејнери, каде не се собира редовно. Се пали и таму каде има контејнери. Ѓубре расфрлано насекаде. Мини депонии ко национално обележје – објавија од Иницијативата О2 на Фејсбук.

Тие се пожалија дека полиција ги легитимирала.

– Ние сме запрепастени од грижата на МВР за спроведување на Законот за јавна чистота, цитирање на членови, казни изрекување, ама само околу Влада и само за активисти. Иако им беше кажано дека е повикано возило од Комунална хигиена да го собере ѓубрето, дека преку улица одиме да завршиме со чистењето, не, ако сме се тргнеле од ќесите, ќе нè казнеле, веднаш. И заминавме, казнете нè. Камионот на комунална се појави после неколку минути и ги собра кесите – укажуваат од О2.