Нестабилноста започна во западните делови па се поместуваше кон исток, така што во овие доцни попладневни часови поинтензивна нестабилност се уште има во источните и југоисточните делови од земјава. Најинтензивни процеси имаше во Полошкиот регион, потоа Пелагонија, Велешко, Светиниколско, Скопско, Кумановско.

До 17 часот најмногу дожд од 39 литри на метар квадратен наврна во Ѓуриште, 34 литри во Тетово, 22 во Прилеп и Пожаране, а 16 литри во Скопје, соопшти УХМР.

Улиците, подвозници и пониските дворови во Тетово се речиси целосно поплавени, а исто така и подрумите и приземјата на повеќе куќи.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека регионалниот центар со дел од своите вработени е на терен и иницираше преку директен конткт со грдоначалникот на Општина Тетово свикување на локалниот Главен штаб за управување со кризи на Општина Тетово.

Инаку, на терен со пумпи за испумпување на водата од критични места и помош на граѓаните се излезени Територијалната противпожарна единица и од ДЗС Тетово, припадници од МВР за регулирање на сообраќајот особено таму каде не може да се помине под поплавени подвозници.

Во моментов дел од нестабилната облачна маса ги зафаќа и западните делови од Скопската Котлина, каде што, на места има пороен дожд и грмежи, а краткотрајно се можни и поинтензивни просеци со град и силен ветер.

До крајот на денот нестабилно ќе биде во поголем дел од земјава, наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголемо количество воден талог), електрични празнења, силен ветер и појава на град.

Од утре се очекува стабилизирање на времето.