Фото: МИА

Бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември

На Клиниката за инфективни болести во 2023 година се откриени 46 лица позитивни на ХИВ, од кои 41 е на редовен антиретровирусен третман. Една третина од овие пациенти се откриени во доцна фаза од болеста, беше соопштено денеска по повод Европската недела на тестирање и месецот на машкото здравје која Инфективната клиника и ХЕРА ќе ја одбележат со кампања „Грижи се за себе“ и со бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември.

Секое трето лице што живее со ХИВ не го знае својот ХИВ-статус зашто луѓето не се тестираат од различни причини. Затоа, целта на кампањата е да се поттикнат и охрабрат мажи и момчиња ако се во ризик или превентивно да се тестираат на ХИВ, без разлика на која популациска група припаѓаат.

Доктор Велимир Савески од Инфективната клиника на прес-конференција денеска рече дека повеќето од новооткриените ХИВ-позитивни во оваа година се мажи и дека, за разлика од други години каде што најчесто биле мажи кои имаат сексуални односи со мажи, оваа година првпат има тренд на ХИВ-инфекција и кај хетеросексуалната популација.

Д-р Савески и Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, апелираа да се подигне јавната свест и да се надмине табуто за тестирањето за сексуално преносливи болести нагласувајќи дека превенцијата е најдобра и најевтина алатка.

– Затоа што постои терапија со која на навремено откриените пациенти им се овозможува нормален живот и просечен животен век ист како и кај ХИВ-негативните лица. Проблем е кога пациентот доаѓа со некаква клиничка слика која можеби не е препознаена на почеток, се тестира, се помислува на ХИВ и тогаш го откриваме пациентот дека е во доцна фаза од болеста, односно во стадиум на СИДА. Тогаш лекувањето е потешко, понекогаш е потребно и болничко лекување, некогаш пациентите завршуваат на интензивна нега – рече д-р Савески.

Порача дека грижата за сексуалното и репродуктивно здравје треба да биде секојдневна и иста како и за здравјето генерално.

– Жените и девојчињата се поотворени за оваа тема затоа што системот веќе има воспоставено некаква грижа за нив зашто постојат матични гинеколози што се грижат за женското сексуално и репродуктивно здравје, додека машкото сексуално и репродуктивно здравје се уште е табу, за жал. И тоа еднаш засекогаш веќе треба да се смени и треба да го нормализираме тестирањето за ХИВ и за сексуално преносливите инфекции – истакна Савески.

На Инфективната клиника тестирањето за ХИВ може да се направи доверливо, рече тој, и секој може да дојде и да се тестира анонимно. Во ХИВ-амбулантата на Инфективна за пациентите има и психолог и социјален работник.

Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА, посочи дека во нивните младински центри „Сакам да знам“ веќе 17 години е овозможено тестирање за ХИВ и за различни сексуално преносливи болести. Во центрите се нудат и бесплатни кондоми, контрацепција и брзи бесплатни тестови за ХИВ, а во пакетот услуги што е овозможено во нареднава седмица е бесплатно тестирање и за сифилис, гонореја и кламидија. Препорачливо е претходно да се закаже на телефонскиот број: 3176-950.

-Тестовите се брзи, за 20 минути се добиваат резултати кои значат навремена терапија доколку се открие ХИВ-позитивен статус за да превенираме понатаму пренос на ХИВ и други сексуални инфекции – рече Матевска.

Нагласи дека треба да се зголемат средствата во буџетите за превенција и дека многу важна е едукацијата.

-Едукацијата и подигнување на свесноста е она што можеме дополнително да го направиме, затоа што фактите велат дека 36 отсто од младите кои се сексуално активни не користат заштита, не користат кондоми. Затоа ни е потребно и сексуално образование уште од најрана возраст. Така ќе влијаеме и на детабуизирање на овие теми – рече Матевска.

Во однос на трендот на ХИВ-позитивни во изминативе години, д-р Савески соопшти дека за време на КОВИД-пандемијата имало стагнација или недоволно откриен број на ХИВ-случаи кога и бројот на тестирања бил очекувано намален зашто Инфективната клиника тогаш беше голем ковид-центар.

-Во последниве години, како што заминува пандемијата, го имаме веќе бројот од 40-50 случаи годишно коишто се откриваат на Клиниката за инфективни болести и пациентите понатаму се третираат – додаде докторот од Инфективната клиника.