Учениците кои од 1 септември ќе бидат седмо одделение ќе ги користат учебниците кои се применуваат досега затоа што нови, според наставните програми од новата Концепција, не се изработени. За темите што недостигаат во старите учебници, а се предвидени за изучување, ќе има додатни материјали што ќе ги изработи Бирото за развој на образованието (БРО).
Министерството за образование и наука попладнево информира дека по неколкудневни разговори со БРО нашле преодно решение за непречена реализација на воспитно-образовниот процес за учениците од седмо одделение за кои нови учебници наместо во оваа ќе има во следната учебна 2025-2026 година.
-За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование, во седмо, осмо и деветто одделение. Предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение настана поради тоа што досега не беа изработени нови учебници за нив, согласно новите наставни програми и Концепција. Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени – информира МОН.
Министерството за образование и наука во соопштението изразува благодарност до директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи, и до сите кои учествувале во процесот на изнаоѓање решение и, како што наведува, „очекува продолжување на добрата соработка во интерес на учениците и нивна квалитетна едукација“.
-Информираме дека целосно нови учебници за седмо одделение ќе има од учебната 2025-2026 година. Доколку Концепцијата за основно образование која влегува во процес на ревидирање, согласно мислењата на наставниците и другите засегнати чинители во воспитно-образовниот процес, биде изменета и има потреба, ќе бидат изготвени и нови наставни програми и учебници и по други одделенија – соопшти Министерство за образование и наука.