Фото: Зоран Антоски

Откако пред 4-5 години во неколку наврати беа ограбени просториите на боречката организација од Кичево, здружението на Сојузот на борците од овој град остана без свои простории, компјутери и друга опрема. Бидејќи во меѓувреме објектот премина во владение на општината, борците останаа без сопствена канцеларија.

– Ние сме едно од ретките здруженија на Сојузот на борците во земјава што не поседува сопствени простории. Проблемот настана пред пет години кога нашата канцеларија во поранешната команда на Гарнизонот во Кичево, во два наврати беше ограбена, беа однесени двата компјутери, размонтирани термопечките и продадени за старо железо, а беше однесено и се што можеше да се продаде – вели Зоран Стефаноски секретарот на кичевското здружение и додава дека единствено успеале да ги спасат печатите и знамето и нешто од документацијата со матични броеви на членовите на здружението.

– По двата грабежи од нашата канцеларија останаа само печатите и знамето, а ги собравме и расфрланите документи на кои фигурираше матичниот број на некои од нашите членови. Бидејќи зградата на командата ја презеде локалната самоуправа, не бевме во можност и понатаму да го користиме овој простор – додава Стефаноски и нагласи дека се правеле обиди да се обезбеди работна просторија во други објекти во градот, но останале без успех.

– Откако останавме на улица побаравме да се преселиме во административниот дел од Центарот за култура, но поради киријата, која не сме во можност да ја плаќаме, не можевме да користиме соодветни простории таму и на било која врата да почукавме, секаде ни беше речено дека за користење на просторот треба да се плати одреден надомест – додаде секретарот и посочи дека во овој момент за каква било потреба ги користат просториите на пензионерскиот дом, благодарение на разбирањето на управата на домот и пред се претседателот, Душан Ристоски. З.А.