Со доброволен прилог на риболовци од Кичево и други градови во земјава, за кратко време бројот на рибарски платформи на Осломејско Езеро порасна на шест, што ќе создадат идеални услови за риболов на овој сѐ уште недоволно познат рибарски рај. Во поставувањето на овие платформи со работна рака се вклучија и поголем број кичевски риболовци, како и нивни колеги, а не изостана со доброволен прилог и активна работа и претседателот на СРД „Хантер Фиш“ од Кичево, Бесмир Елези.
– Иако на почеток имавме во план изградба на две риболовни платформи, сепак благодарение на поголем број помагатели и донатори, кои во акцијата се вклучија со 20 или 30 евра и активна физичка работа, на Осломејско Езеро создадовме далеку подобри услови за одвивање на спортски риболов. Најновиот зафат овозможи крај ова езеро бројот на риболовни платформи да порасне на шест, кои ќе овозможат спортските риболовци на многу поефикасен начин и со побогат улов да учествуваат на многуте натпревари кои се организираат на Осломејско Езеро во текот на годината – нагласи претседателот на риболовниот клуб, Бесмир Елези, кој е пресреќен што на ова езеро се создаваат идеални услови за риболов.

– На почеток бевме задоволни со изградба на две платформи, но на иницијатива на членови на друштвото бројот на платформи експресно порасна на шест, со тенденција во блиска иднина нивниот број да се зголеми – посочи претседателот.
Тој потсети дека и годинава се во план да го порибат езерото со крап. Езерото има стабилен водостој.
З.А.