Фото: З.А.

Примопредавањето на кумството за големиот верски празник Богојавление, во дел од селата во Кичево се врши на првиот ден од Водици, додека во дел кумството се предава на вториот ден, или популарно наречени „женски Водици“. Едно од селата со автентична традиција е Лавчани, каде што примопредавањето на крстот се врши на вториот ден кога младите кумството го примаат со капење во студената вода од коритата на селските чешми.

– Нашето село е едно од ретките, каде што и покрај неговата големина, има дури седумнаест водичарски крстови. А посебна специфика претставува примопредавањето на крстовите од старите на младите кумови, кое традиционално се изведува во коритата од селските чешми, каде сите седумнаесет млади кумови го преземаат кумството со капење во коритата. Традиција е веќе позната и во европски рамки, бидејќи ја проучуваа универзитетите од Краков и од Будимпешта, а во неколку наврати професорката Јохана Рехас од Полска, беше и лично присутна за на лице место да се увери во автентичноста на оваа традиција – истакна Цане Ѓорѓијоски, жител на село Лавчани, кој во претходните две години беше дел од овој традиционален ритуал.

Кумовите што се капат во коритата од селските чешми потврдуваат дека никој при ова капење не го чуствува студот од изворската вода и оти досега никој се нема разболено по овој ритуал. З.А.

Фото: З.А.