Недоволната улична хигиена, пред сѐ на магистралниот пат, каде дневно поминуваат повеќе илјади автомобили и товарни возила, интензивната станбена изградба, сѐ поголемиот број на автомобили во градот и над сѐ затоплувањето на домовите со огревно дрво, гуми, пластика, се причините поради кои Кичево и годинава наликува на гасна комора со енормно загадување на амбиенталниот воздух, што придонесе сѐ поголем број граѓани да имаат проблеми со дишните патишта.
– Повеќе од јасно е дека во Кичево не се преземаат речиси никакви мерки за да се намали високото загадување кое е предизвикано пред сѐ од затоплувањето на домовите со сѐ и сешто, од влажни дрва, горење мебел, гуми, прегорено масло и сѐ она што може да биде генератор за енормното загадување на воздухот во градот. Деновиве сме сведоци на максимално изразен проблем од овој вид кога ПМ 2,5 и ПМ-10 честичките се високо над дозволените граници што го вбројува нашиот град во еден од најзагадените во републикава. Не зачудува и фактот што голем број наши сограѓани имаат респираторни и срцеви проблеми, кои се условени токму од енормното аерозагадување – вели екологистот Коце Наумоски, кој потсети дека и големиот број инвертер-клими инсталирани во повеќето домови не ја подобрија состојбата со аерозагадувањето.
– Зачудува фактот што ниту сѐ поголемиот број инвертер-клими инсталирани во домовите не дадоа соодветен резултат, бидејќи и понатаму бројките се поразителни и на штета на здравјето на жителите на градот. Пред четири години општината им овозможи на 800 домаќинства да добијат бесплатни инвертер-клими, кои нималку не придонесоа да се намали аерозагадувањето. Доплнително и во текот на претходната година локалната самоуправа им овозможи на 150 домаќинства да добијат инвертер-клими чие инсталирање не даде соодветен резултат. Доплнително и поголем број домаќинства, посебно во новоградбите, се грејат со инвертер-клими, но сите тие бројки немаат речиси никаков придонес за подобрување на амбиенталниот воздух во градот – додаде Наумоски и потсети дека високото аерозагадување на подолг рок ќе предизвика сѐ поголем број жители на Кичево да имаат здравствени проблеми чиј причинител пред сѐ е загадениот воздух.
З.А.