фото: Зоран Антоски

Од почетокот на оваа седмица започна со градба пристапниот пат до вештачката акумулација создадена на депресијата од поранешниот рудник за јаглен Осломеј-запад. Пристапниот пат е крак што го поврзува езерото со регионалниоот пат кој води од Кичево до РЕК Осломеј и село Туин. Средства за оваа намена обезбеди битолска компанија и се очекува до крајот на месец јуни пристапниот пат до оваа езерска акумулација да биде целосно завршен.

Од СРД „Хантер Фиш“ од Кичево се презадоволни што се гради овој пат, кој ќе ја подобри поврзаноста на езерото со риболовците и останатите намерници кои имаат желба да го посетат штотуку формираното вештачко езеро.

фото: Зоран Антоски

– Проблемот кој беше создаден од непристапноста на новосоздадената езерска акумулација конечно ќе биде разрешен, со изградбата на крак од патот Кичево-Осломеј-Туин во должина од околу 700 метри. Битолска компанија се согласи да го изгради овој пат и езерото да го доближи до риболовците, како од Кичево така и од регионот. За почеток патот ќе има земјена подлога а во текот на наредните години ќе се ангажираме овој пат да добие тврда подлога или уште пдообро да биде асфалтиран – истакна Бесмир Елези, претседател на СРД „Хантер Фиш“ од Кичево.

Вештачката акумулација„ Осломеј-2“ ќе има поголема должина споредено со веќе постоечката вештачка акумулација, а со вода се полни од подземните извори и во текот на наредните година – две оваа акумулација ќе го добие својот финален изглед и овој регион ќе биде многу попривлечен за риболовците од сите делови од земјава, па и од странство.

З.А.