Фото: З.А.

При јавните набавки на ЕЛС Кичево и ЈКП „Комуналец“ во 2021 година

За првпат Рурална Коалиција, во периодот од април до октомври минатата година изврши мониторинг врз ЕЛС-Кичево и ЈП„ Комуналец“. Во овој период општината беше мониторирана во 35 договори за јавни набавки во вредност од 2,7 милиони евра и ЈКП „Комуналец“ со 61 договор во вкупна вредност 1,7 милиони евра.

Просечниот број на понуди на тендерите на Општина Кичево изнесувал 3,71 што е над просекот во земјава кој во истиот период изнесува 3,31 понуда по тендер, додека ЈКП „Комуналец“ во истиот период е под просекот во државата со 2,93 понуди, но има висок удел од по само една понуда во дури 34 проценти, додека кај Општина Кичево овој удел е помал и изнесува 17 проценти. Растечки е трендот на отфрлање на доставените понуди што пак води кон констатацијата дека постои оправдан ризик во овие тендери поради недостаток на конкуренција цените да бидат повисоки од реалните.

Извршната директорка на Рурална коалиција, Лиле Јоноски, истакна дека слабостите во планирањето на јавните набавки се манифестираат во честите измени на плановите за јавни набавки и нивниот низок процент на реализација. Општината го променила планот за јавни набавки за 2021 година два пати и реализирала само 61 процент од него, додека комуналното претпријатие го менувало планот дури во 15 наврати и има процент на реализација од 68 отсто, но нема практика за објавување на плановите за јавни набавки на веб-страниците како на општината така и на јавното комунално претпријатие.

Проектната координаторка Мартина Дојчиноска е активно вклулена во процесот на мониторинг на јавните набавки во горе споменатите субјекти и ги нагласи препораките за унапредување на процесот на јавни набавки.

– Општина Кичево и ЈП „Комуналец“ да изготват интерен акт за спроведување на јавните набавки во кој што ќе се утврди начинот на постапување на вработените службеници и надворешните соработници во сите фази од процесот на јавни набавки во кои што се вклучени и за начинот на постапување во случај на појавување на корупција во јавните набавки – истакна Дојчиноска и посочи дека треба да се почитува законската обврска секој економски оператор да има сертифицирано лице за јавни набавки, затоа што во моментов Општина Кичево е една од шеста општини кои што немаат такво лице, односно е со истечена важност на сертификатот.

Ова истражување е изготвено со помош на грант доделен преку проектот „Заштита од корупција“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска подршка на Кралството Холандија во земјава. З.А.