Сточарите од кичевскиот регион и општина Пласница, во текот на изминатите триесетина дена на странскиот пазар пласираа повеќе од 15.000 јагниња со тежина од 20 до 35 килограми. Најголемиот дел се пласирани на италијанскиот пазар и сега се прават планови како да се продадат и останатите јагниња од оваа зима, кои секојдневно добиваат на тежина, а таквите јагниња не се премногу атрактивни за странските купувачи, потврди Ајрадин Бајрами, претседател на Здружението на сточари од Кичево.
Најголема забелешка сточарите од овој регион имаат на ниската откупна цена, која не е променета од лани, додека производната цена годинава е далеку повисока споредено со претходната година
– И покрај недоволно високата продажна цена на нашето јагне, сепак најголемиот дел од годинешното јагне е пласирано на странскиот пазар, а доминантно тоа е реализирано на италијанскиот пазар. Цената не е задоволителна и се движи од 220 до 235 денари килограм жива мера, што сметаме дека е ниска ако се имаат предвид трошоците што ги имаме за одгледување на ова јагне. Зачудува фактот што засега не знаеме од кои причини деновиве застана интересот за извоз на италијанскиот пазар, а дали ќе се променат состојбите во блиска иднина останува да видиме. Од годинешното јагне околу 30 отсто сѐ уште не се продадени, но во наредните дваесетина дена очекуваме и ова јагне да биде пласирано, како на странскиот, така и на домашниот пазар – нагласи претседателот Бајрами.
Тој наведе дека главниот извоз на кичевското јагне се врши преку кланицата во Кавадарци. Од друга страна, пак, на државата сѐ уште не се исплатени по 400 денари за секое заклано машко јагне од минатогодишната реколта.
З.А.