Невреме проследено со интензивни врнежи од дожд и град попладнево го зафати Тетово. Според информациите од терен, улиците се полни со вода, по врнежите од пороен дожд што траеле 45 минути.
Командирот на Територијалната противпожарна единица во Тетово бара да биде исклучена струјата во целиот град по невремето.
Според него, ризикот од струен удар по граѓаните и пожарникарите е многу висок поради тоа што се поплавени подрумските простории на повеќе куќи и објекти, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
На телефонскиот број 112 стигнале повеќе од 200 пријави на штети. Големото количество поројни води предизвикало поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на градот, според ЦУК.
Од ЕВН информираат дека ќе ја исклучуваат струјата улица по улица и населба по населба, соопшти ЦУК.
Невремето што попладнево го зафати Тетово беше проследено со интензивни врнежи од дожд и на места град со големина на орев.
Сообраќаен метеж е забележан на повеќе места во градот. Граѓаните јавуваат дека после патарината на патот кон Скопје, кај назводникот, има многу вода и се вози исклучително бавно, па во моментот создаден е голем метеж.