Фото: Пиксабеј

Анализите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) покажаа дека водата од водоводната мрежа во Струмица е питка, соопшти градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов.

Во неговата објава на својот Фејсбук профил наведува дека анализите од АХВ, три акредитирани приватни лаборатории и Центарот за јавно здравје Струмица, ги побиле резултатите од Инстиутот за јавно здравје.

– Анализи од Агенцијата за храна и ветеринарство, три акредитирани приватни лаборатории и Центар за јавно здравје Струмица ги побија резултатите на Институтот за јавно здравје, кои не измачуваа сите нас како струмичани – стои во објавата на Костадинов.

Тој им се заблагодари на лицата од АХВ што го потпишале решението за укинување на забраната.

– Благодарам на професионалците од АХВ што се одважија и го потпишаа решението за укинување на забраната! На сите кои се ситевте, во овие за нас струмичани тешки и мачни денови, ви простувам од дното на мојата душа. Останува да се седне повторно со надлежните институции и да се изнајде решение за проблемот на брана „Турија“ – напиша Костадинов.

Водата за пиење во Струмица и шест населени места беше забранета за употреба пред еден месец заради зголемено присуство на манган и во последните мерења заради зголемено присуство на колиформни бактерии.