Фото: З.А.

Во овие сончеви есенски денови, паралелно со искачувањето на Крушино и Кнежино, се повеќе млади од Кичево, барајќи нови предизвици, се искачуваат на планината Илиница која со своите западни падини вертикално се надвиснува над градот. Со околу 1.000 метри н.в. оваа планина на прв поглед наликува на лесно совладлива цел, но поради стрмните падини бара добра физичка подготвеност и концентрација.

– Последните десетина години се поголем е бројот на млади дури и деца, редовно се искачуваат на Илиница. Искачувањето е малку отежнато поради исклучително стрмниот терен, но кога ќе се искачите на врвот заборавате на сиот напор вложен при ова искачување, опседнати од неповторливата  убавина,  кога како  на дланка се укажува целата кичевска котлина – вели Слободан Стокоски, кој безброј пати се искачил на врвот на оваа планина.

За постарите жители на градот врвот на Илиница буди сеќавања на репетиторот од каде во Кичево зрачеше телевизиската програма, кога во многу наврати поради невреме престануваше емитување на програмата и тогаш сите  погледи беа свртени кон врвот на оваа планина.

– За нас постарите жители на градот врвот на Илиница ни ги враќа спомените на времето кога репетиторот поставен на оваа планина зрачеше телевизиска програма, која поради честите дефекти во многу наврати не можевме да ја следиме – се присетува Трајче С., постар жител на Кичево.

Оптимисти од градот посакуваат по примерот на Скопје и во Кичево да се изгради жичница од подножјето до врвот на планината, што би претставувала и вистинска туристичка атракција и афирмација на градот. З.А.