Амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, денес ја посети општина Битола и оствари средба со градоначалникот Тони Коњановски. На средбата разговарале за повеќе значајни проекти, на кои треба да се стави посебен акцент во следниот период, кои се важни за заштита на животната средина, како и реализација на активности поврзани со зелената агенда – енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија.

Во рамките на работната средба, градоначалникот Коњановски и амбасадорот Силвестри, разговарале и за можностите за понатамошна соработка во делот на образованието, можностите за стипендирање на студенти, како и условите за поголемо вклучување на изучувањето на италијанскиот јазик во битолските училишта. Битолскиот градоначалник го информирал амбасадорот дека од оваа учебна година, во основното училиште „Свети Климент Охридски“ ќе се формираат три паралелки во шесто одделение, во кои ќе се изучува италијанскиот јазик како изборен предмет, а идната година ќе има и прва паралелка во средно образование, каде ќе се изучува италијански јазик.

Општина Битола и Амбасадата на Италија, ја продолжија својата соработка и во делот на културата. Во овој контекст, градоначалникот и амбасадорот, испратија покана до граѓаните на Битола, за ретката можност да се посети концертот на барокна музика на познатиот италијански ансамбл „Академиа Бизантина“, кој ќе се одржи вечерва во Офицерскиот дом во Битола.

М.М.