По повод Светскиот ден за заштита на животната средина вработените во АД ЕСМ, во сите подружници, учествуваа во големата еколошка акција за уредување, зазеленување и чистење на околината.

– Светскиот ден за заштита на животната средина на Обединетите нации годинава е под мотото “Само една планета Земја” и тoа e порака до сите нас, не само како компании и фирми, туку и како луѓе, да ја чуваме нашата животна средина. Затоа со сите наши вработени станавме дел од акцијата со чистење на просторите и локациите околу нашите производствени капацитети, околу акумулациите, термоелектраните, а некои и урбаните средини каде што работат и функционираат. АД ЕСМ како најголем производител на електрична енергија во нашата држава ја поддржува т.н. зелена транзиција и се стреми кон побрзо преминување кон производство на зелена енергија, односно производство на енергија од сонце, вода и ветер. Обврска на сите нас е да ја зачуваме животната средина денес, но исто така нашата планета да ја оставиме чиста и за нашите идни генерации -порача генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.


Учество во еколошката акција во подружницата РЕК Битола, зедоа и Управниот и Надзорниот одбор на АД ЕСМ, каде вработените чистеа во кругот на комбинатот. Вработените во Дирекцијата на АД ЕСМ во Скопје го разубавија просторот пред зградата на компанијата во Скопје и во Паркот Жена борец. Вработените во ХЕС Црн Дрим чистеа околу дирекцијата во Струга и по крајбрежјето на Дебарското езеро, во близина на хидроцентралите Шпилје и Глобочица. Вработените во ХЕС Тиквеш чистеа долж патот од село Возарци до ХЕС Тиквеш, а во РЕК Осломеј се чистеше во кругот на термоелектраната. Во ХЕС Маврово се чистеше во и околу дирекцијата во Гостивар и на браната Маврово. Вработените во ХЕС Треска го собираа сметот околу видиковецот на ХЕ Козјак, а просторот се уредуваше и во подружницата Енергетика.

М.М.