ПРИЛЕП

Со изградбата на целосно новата улица Кеј 1 Мај, Општина Прилеп ги започна градежните активности за подобрување на патната инфраструктура на територијата на целата општина.
Должината на новата улица изнесува 650 метри, а опфаќа и изградба на кејски ѕид во должина од 170 метра. Истовремено почнаа работите и на улицата Целе Мавроски, чија должина е околу 320 метра, а следува изградбата и на Цане Илиески и на Трајко Николоски. Ова се четирите улици што ќе бидат комплетно изградени, со целата потребна инфраструктура. Потоа следува реконструкција на голем број улици во градот и населените места – изјави градоначалникот Илија Јованоски, најавувајќи ги интензивните работи на полето на патната инфраструктура, кои континуирано ќе се одвиваат во летниот период, информираат од Општината.
Градоначалникот Илија Јованоски истакна дека ќе бидат реконструирани улици во вкупна површина од 22.000 квадратни метри, што опфаќа нивно тампонирање и асфалтирање, како и гребење и асфалтирање улици на површина од 18.000 квадратни метри.
– Во тек се активностите за поставување бекатон-плочки на тротоари на површина од 5.500 квадратни метри. Во моментов веќе се работи на уредување на тротоарите на улицата Тризла, а ќе се изврши нивелирање на 160 шахти низ улиците во градот – потенцира тој.
Со реализација на сите планирани градежни активности за реконструкција на улици и патишта, значително ќе се подобри патната инфраструктура на целата територија на општината Прилеп.