Фото: Зоран Антоски

Младинската керамичка работилница, која овој период од годината изминатите пет години се одржуваше во најгрнчарското село во земјава, Вранештица, годинава нема да се одржи поради пандемија со ковид-19. Тоа ни го потврди и од Центарот за култура во Кичево организатор на оваа работилница, на која покрај учениците од кичевската гимназија, како партнер-училиште, учествуваа и ученици од ДУУД „Лазар Личеноски“ од Скопје.

– И покрај нашите желби и надежи дека летово ќе го имаме и шестото издание на Младинската керамичка работилница, сепак поради пандемија со ковид-19 и препораките на Владата да нема групирање на повеќе лица на помал простор, одлучивме керамичката работилница оваа година да не се одржи и, ако се нормализираат состојбите во наредната година, тогаш можеме да очекуваме да се одржи шестото издание и да продолжи оваа убава традиција – истакна Мазлам Османи, од Центарот за култура во Кичево.

И од скопското училиште за уметност и дизајн се разочарани што поради актуелната состојба со корона-пандемијата, нема да бидат дел од оваа работилница.

– Навистина ни е многу жал што нема да бидеме дел од Младинската керамичка работилница во село Вранештица, каде што нашите ученици и нивните врсници од градот-домаќин работеа со глина. Причина е, се разбира, пандемијата со ковид-19, но да бидеме оптимисти и да веруваме дека до година ќе имаме понормална состојба и продолжување на оваа убава традиција, каде учениците се воведуваа во овој прастар занает – потсети Гоце Стоилкоски, професор од „Лазар Личеноски“ од Скопје.