Фото: Зоран Антоски

Проблемот кој последните неколку години ги мачи жителите на село Рамне, Порече, од недостаток на вода за пиење се чувствува и оваа зима. Така и на почетокот на оваа година, од сите бунари во селото , колку-толку, вода има единствениот селски бунар. Останатите бунари сопственост на повеќето домаќинства од поодамна се целосно пресушени и којзнае кога ќе имаат барем минимални количества на вода за пиење.

– Иако нашите очекувања беа дека во доцна есен и на почетокот на зимата ќе се подобри хидролошката состојба и ќе имаме доволно вода за пиење и останатите потреби, сепак слабите врнежи од дожд и немањето на снег, не  придонесоа  да се надмине овој горлив проблем. Така во нашето село од десетината бунари само селскиот бунар има нешто вода и ако и овој бунар повеќе се користи, постои реална опасност и тој да пресуши и ние да останеме без неопходната течност. Стравот е најголем во викендите кога во селото доаѓаат повремените жители и кога водата од селскиот бунар се користи во поголеми количества,тоа придонесува во текот на неделата и овој бунар да остане со минимални количества и со вода со не најдобра бистрина – вели Митко Никодиноски, еден од малубројните жители на село Рамне, каде проблемот со вода за пиење никако да се надмине.

Соочени со овој проблем дел од викендашите родум од ова село, за сопствени потреби од градот од каде што доаѓаат со себе си носат амбалажирана вода ,за да не се најдат во ситуација како постојаните жители на селото да останат без најдрагоцената течност.

Иако во повеќето села во Поречијата се изградија селски водоводи, сепак дел од селата и денес се соочуваат со слични проблеми како село Рамне.