Своето прво учество на штотуку завршениот натпревар во Боди-билдинг, „Атлета на Македонија“, кичевчанецот Драган Веланоски го круниса со второ место во категорија на натпреварувачи до 76 килограми. Тој со оваа атлетска дисциплина се занимава околу десетина години а за последниот натпревар интензивно се подготвуваше околу две недели, под надзор на неговиот тренер Живорад Милутиновиќ.
Веланоски на овој шампионат настапи под името на клубот Атлета од Скопје, инаку е член на Флекс клубот од Кичево.
– Откако знам за себе нескриена желба ми беше да имам убаво обликувано тело и затоа пред десетина години почнав да се занимавам со боди-билдинг, а поинтензивно работам последните четири години и, после извесен период резултатите беа очигледни а тоа се потврди на штотуку одржаниот шампионат во боди-билдинг „Атлета на Македонија“, што се одржа во Скопје каде што го освоив второто мести во категорија на натпреварувачи до 76 килограми. За да се добие убаво обликувано тело, потребни се многу одрекувања, голема дисциплина во исхраната и секако редовни вежби – рече Веланоски.
Веланоски објасни како се подготвувал за овој натпревар и објасни за неговите планови за во иднина.
– За да ја достигнам посакуваната форма, последните две недели интензивно работев под надзор на тренерот Живорад Милутиновиќ, претпладне работев кардио вежби, додека попладне имав тежински тренинг и повторно кардио вежби. Исто така, целосно бев посветен и на посебен режим на исхрана и сето тоа ги даде очекуваните резултати. За наредниот шампионат ќе се подготвам уште подобро и се надевам и очекувам дека ќе се качам на највисокото скалило и ќе бидам шампион на Македонија во својата категорија – истакна Драган Веланоскикој, кој е целосно посветен на боди-билдингот.