ПРИЛЕП

Иако беше најавено, сѐ уште не е започнат со работа пунктот за масовна имунизација во Прилеп. Според најавите од надлежните, пунктот треба да започне со работа по празникот Свети Кирил и Методиј. Прилеп е вклучен во втората фаза на имунизирањето. Дотогаш прилепчани на вакцинација против ковид-19 ќе одат во Битола.
Најавено е дека вакцинирањето против ковид-19 ќе се врши во фискултурната сала на Медицинското училиште, сала што ги задоволува сите стандарди за имунизација. На 25 мај треба да бидат вакцинирани првите прилепчани според листата на пријавените граѓани на страницата Вакцинација.мк. или според пријавите на матичните лекари. Се очекува пунктот да има 15 вакцинални места со екипи и во две смени да се вакцинираат околу 1.000 лица дневно.
Техничката опрема (паравани, засолнет простор, соодветен за вакцинација) треба да ја обезбеди локалната самоуправа, а болницата ќе го даде придонесот со медицински персонал и заштитни средства. За редот ќе се грижат волонтери на Црвениот крст и припадници на армијата.
Во Здравствениот дом без проблем се вакцинираат повозрасните граѓаните со „Астра Зенека“. Инаку, прилепчани од неодамна побрзо можат да дојдат до ПЦР-тест, оти во Центарот за јавно здравје е ставена во употреба опремата за молекуларната лабораторија што врши тестирање за ковид-19.
Последните денови се евидентираат сѐ помалку заразени или починати лица од ковид-19. Намалено е драстично заразувањето. Веќе се затворени повеќето ковид-оддели во прилепската болница, кои беа адаптирани за да можат да им понудат на заболените медицински третман и терапија.
Во Прилеп, досега, според податоците од Министерството за здравство се регистрирани околу 8.270 заболени, а моментно се активни 165.