Фото: МНР

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и специјалниот претставник на Кралството Норвешка за Западен Балкан, амбасадорот Арне Санес Бјорнстад денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се предвидува норвешка експертска поддршка за Владата на РСМ во нејзините клучни агенди, вклучително надворешните и безбедносни работи и политики, пристапните преговори во ЕУ, регионалната соработка и доброто владеење.

Норвешката поддршка ќе биде реализирана од страна на Истражувачката Група за Балканска Политика (Balkans Policy Research Group), за што министерот Османи потпиша Меморандум за разбирање со извршниот директор на Групата, Наим Рашити.

– Во предвечерието на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји во 2023 година, министерот Османи и амбасадорот Бјорнстад го поздравија одличниот развој на односите изминатите три декади и ја потврдија заемната посветеност за нивно натамошно динамизирање и унапредување.  Во таа насока, министерот Османи изрази надеж дека во првата половина на 2023 година во Скопје ќе биде домаќин на возвратната посета на неговиот норвешки хомолог, министерката за надворешни работи Аникен Хајтфелд, соопштија од Министерството за надворешни работи.

Од МНР наведоа дека, на средбата Османи изразил благодарност за досегашната соработка и поддршка на Кралството Норвешка во спроведувањето на реформите во нашата земја и во споделувањето на норвешките искуства за унапредување на административните и законодавните капацитети на Република Македонија, потенцирајќи дека се исклучително важни и суштински за севкупните демократски процеси во земјата. Министерот нагласил дека Норвешка беше, е и понатаму ќе биде наш значаен партнер во развивањето на капацитетите за остварување на нашите надворешно-политички приоритети.

Оттаму додадоа дека амбасадорот Бјорнстад истакнал дека Норвешка ќе продолжи и натаму да ја поддржува Република Македонија во развивањето на нејзините капацитети за постигнување на нејзините цели, односно нејзиното полноправно членство во Европската Унија.

Денешното потпишување на двата Меморандуми за соработка се нова и конкретна потврда за норвешката одлучност за поддршка на Владата во нејзините напори за зајакнување на институциите. Покрај за билатерални теми, на средбата се разговараше и за претстојното претседавање на Република Македонија со ОБСЕ во 2023 година, актуелните состојби во регионот на ЗБ, руската инвазија врз Украина и глобалната енергетска криза, посочуваат од МНР