Гледајќи ги светилиштата во охридско-струшкиот регион сфативме дека на луѓето тука најважно од се им било да ја чуваат својата православна христијанска вера, но не само да ја чуваат, туку и да живеат со православната вера, по евангелието, истакна денеска патријархот српски Порфириј по посетата на храмот „Св. Богородица – Перивлепта“ и Галеријата на икони во Охрид.
Тој нагласи дека при посетата на Струга и Охрид дека имале можност да се поклонат на православните христијански светилишта и да видат што „православните христијани пред многу векови го сметале најважно во својот живот“.
– И ништо друго да немаме, туку тоа искуство кога посетуваме вакви светилишта имаме јасна порака за нас. Денеска ние луѓето кои живееме во овие времиња изложени сме на различни предизвици. Тие предизвици често нудат некои нови вредности и нови погледи на светот. Нормално Црквата секогаш е современа, не припаѓа само на минатото, дури ни на сегашноста, па ни само на иднината таа и припаѓа на вечноста и во таа смисла е безвременска. Се труди да биде секогаш актуелна, да ги дели сите проблеми сите искушенија сите неволји, но и сите радости со кои се соочува секој човек живеејќи во ова време- изјави Порфириј.
Но, како што нагласи, и покрај тоа затоа што е безвременска и надвременска, бидејќи не е ниту старомодна, ниту модерна, Црквата нуди и вертикала, нуди смисла на постоење на секој човек во секое време и во секој простор.
– Црквата дава можност да разбереме дека сме створени за вечноста и дека љубовта е темел на нашето постоење и тоа баш онака како што говори Светото евангелие со целото свое битие кон Бога, но покрај таа љубов спрема Бога и љубовта кон ближниот, а тоа значи спрема секој човек. Кога Евангелието говори за ближниот, не го подразбира само оној кој е покрај нас, ги подразбира и сите останати луѓе – истакна патријархот српски.
Поклонувајќи се на светињите и посетувајќи ги „местата на светиите“, како што рече, најдобра можност е да се загледаме во себе, да се восхитуваме на она што го оставиле пред нас оние што ја живееле православната вера, како предание и како духовна култура, но имаме и можност да бидеме вкоренети во преданијата и да се наоружаме да живееме во своето време како современици на сите луѓе.
Делегацијата на Српската православна црква предводена од патријархот Порфириј беше пречекана вчера во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, каде во нивна чест беше отслужено доксологија.