Нова финансиска помош за домашната економија
Вкупно 31 мерка во вредност од 470 милиони евра изнесува четвртиот пакет економски мерки, со кои Владата ќе им помогне на граѓаните, вработените и на стопанството за да се надминат последиците од кризата предизвикана од ковид-19. Заедно со претходните три пакети мерки вкупната помош надминува 1 милијарда евра насочени кон граѓаните, работниците и кон стопанството, со намера да се одржи стабилна економијата и со потенцијал за ревитализација.
Ова го соопшти премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција, на која ја презентира содржината на четвртиот пакет мерки.
Меѓу позначајните мерки е продолжување на поддршката на компаниите за исплата на плати за последните три месеци од годинава, што сега ќе биде потаргетирана и ќе зависи од нивото на погоденоста на фирмите од ковид-19. Новиот пакет е продолжение на претходните три пакета, а целта е да се обезбеди одржливост на македонските економски дејности и работните места.
Мерки од четвртиот пакет
- Исплатата на платите за последниот квартал од годинава ќе се движи од 14.500 денари поддршка, па до 21.776 денари. Оваа мерка ќе важи за компании, самостојни вршители на дејност, како и земјоделската и занаетчиската дејност и за лица што вршат други услуги.
- Платежна картичка за поголема потрошувачка и за развој на домашните економските дејности. Овој пат платежните картички се со износ од 6 илјади денари и ќе ги добијат 5.726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15 илјади денари, студентите, филмските работници, пасивни баратели на работа. Оваа мерка ќе изнесува 27,2 милиони евра, а ќе бидат опфатени над 280 илјади граѓани.
- Зголемување на грејс-периодот за бескаматните кредити од ковид (1). Владата преку Развојната банка ќе има даде на постојните корисници на кредитни линии дополнителни три месеци грејс-период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.
- Сто милиони евра поволни кредити од Развојната банка за поддршка на домашните компании, кои ќе бидат пласирани преку деловните банки.
- Поддршка на платите за последниот квартал ќе има и за 150 туристички водичи и оваа мерка ќе чини 160 илјади евра. За туристичкиот сектор е донесена мерка за поврат на туристичката такса за 2019 година за 4.740 хотелиерски субјекти во вредност од 2 милиони евра.
- За 500 туристички агенции ќе бидат обезбедени грантови во вредност до 1,9 милион евра, а тие ќе се распределуваат во зависност од бројот на вработени и во зависност од тоа дали туристичките агенции се носители на А или Б-лиценца.
- Укинување на парафискалните давачки за компаниите како давачки, надоместоци, лиценци и друго.
- Грантови ќе добијат и рестораните за свадби, односно мерката ќе имаат право да ја користат сите регистрирани и лиценцирани субјекти во оваа дејност. Мерката ќе изнесува еден милион евра, а грантовите ќе се доделуваат во висина од 3 илјади до 10 илјади евра во зависност од остварениот промет во 2019 година.