Веднаш по потресната вест за стравотниот земјотрес, кон погодените подрачја во Турција се упатија спасувачки екипи од Македонија, Србија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, буквално од целиот регион и светот, да помогнат во овие тешки моменти за турскиот и сирискиот народ. Во овој момент повеќе ништо друго не е важно освен хуманоста, да им се помогне на луѓето што останале без своите блиски, без својот дом, скршени од болка поради она што им го нанесе природната стихија. Поддршката што им ја дава целиот свет е единствената надеж да излезат некако од оваа несреќа што ги снајде

Од Турција и Сирија моќна порака до светот за хуманизам, љубов и заемно почитување и помагање

Повеќе од 5.000 луѓе загинаа во катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија, по што светот експресно се мобилизира во давањето итна хуманитарна помош за настраданите подрачја.
Додека турските и сириските спасувачки тимови се во трка со времето за да извлечат што повеќе преживеани што останаа затрупани под урнатините, ним им се придружуваат екипи од целиот свет, со единствена цел да се спасат што повеќе човечки животи.

Ништо не е повозвишено од хуманоста: Човек на човека не му е волк, туку брат!

Веднаш по потресната вест за стравотниот земјотрес, кон погодените подрачја во Турција се упатија спасувачки екипи од Македонија, Србија, БиХ, Хрватска, Црна Гора, буквално од целиот регион и светот, да помогнат во овие тешки моменти за турскиот и сирискиот народ.
Во овој момент повеќе ништо друго не е важно освен хуманоста, да им се помогне на луѓето што останале без своите блиски, без својот дом, скршени од болка поради она што им го нанесе природната стихија. Поддршката што им ја дава целиот свет е единствената надеж да излезат некако од оваа несреќа што ги снајде.
Еден латински афоризам што многу често се употребува во овие алчни и себични времиња гласи „Човек на човека му е волк!“ (Homo homini lupus est!). Но кога ќе се погледнат илјадниците луѓе што од сите страни се слеваат кон погодените подрачја во Турција и Сирија само да помогнат, кога во секоја земја се организираат пунктови за помош, се донираат материјални средства, храна, лекови, облека, тогаш овој афоризам, поради хуманоста што се случува во Турција и Сирија веднаш по катаклизмичната катастрофа, дефинитивно ја губи смислата. Пред очите на сите жители на планетава одеднаш човек на човека му станува брат, но зар мора токму тогаш кога луѓето ќе ги погоди некаква несреќа.

Македонија е на нозе!

Во Македонија нема град, општина, училиште, што на некој начин не презема некаква хуманитарна акција за помош на настраданите во Турција. Скопје е единствениот град во светот за кој во Обединетите нации на 14 октомври 1963 година едногласно беше усвоена резолуција за помош по катастрофалниот земјотрес и реконструкција на главниот град. Од тие причини, Скопје и Македонија имаат морална обврска да бидат предводници на хуманитарната акција за помош на настраданите во Турција и Сирија.
Затоа од сите македонски градови веќе се упатија пожарникарски екипи кон пријателска Турција, отворени се телефонски линии за донации, на плоштадите има пунктови во кои може да се остави хуманитарна помош, од каде што ќе биде упатена до оние на кои им е најпотребна.
Факт е дека светот се мобилизира во вакви тешки времиња, но мислата што во овие моменти го обзема секое здраворазумно човечко битие на оваа планета е дали мора на светот да му се случуваат несреќи за конечно човештвото да сфати дека сме си потребни едни на други во секакви времиња, а не само кога лошото ќе затропа на врата. Не е важна ниту расата, ниту националноста, верските определби, на крајот од краиштата сите сме луѓе од крв и месо што само сакаат да живеат мирно под ова заедничко парче небо.
Нема човек кому нема да му застане кнедла во грлото и солза во окото додека спасувачите од под урнатините извлекуваат тригодишно дете што успеало да преживее повеќе од 10 часа, гладно, исплашено, оти, како што рекол народот, господ ги чува децата, и истиот тој човек да сфати дека сите луѓе се важни и дека сè што правиме треба да биде во насока на создавање свет што ќе биде наменет за напредок на сите генерации, без оглед дали живеат во Африка, Азија, Европа, Америка, Австралија… Сите сме гости на овој свет и затоа престојот треба да го направиме поубав и почовечен за секој поединец. Тоа значи дека човештвото треба да им се посвети на универзалните човечки вредности, а не на деструктивноста.

Во Македонија нема град, општина, училиште, што на некој начин не презема некаква хуманитарна акција за помош на настраданите во Турција. Скопје е единствениот град во светот за кој во Обединетите нации на 14 октомври 1963 година едногласно беше усвоена резолуција за помош по катастрофалниот земјотрес и реконструкција на главниот град. Од тие причини, Скопје и Македонија имаат обврска да бидат предводници на хуманитарната акција за помош на настраданите во Турција и Сирија

Трошиме премногу време на кавги, за на крајот да сфатиме дека не можеме едни без други

Кога во еден миг ќе исчезнат сите надежи, желби, сеќавања, тогаш секој човек сфаќа колку е бесмислено сè друго освен животот. Она што некој го градел цел живот, исчезнало неповратно, а околу него се илјадници луѓе што никогаш не ги видел претходно, но кои несебично се обидуваат да му помогнат да застане на свои нозе. Политиката направи изминатите години Македонците и Бугарите да се оддалечат што повеќе едни од други и, иако живеат едни до други, да се чувствуваат како да живеат на две страни од светот. Но несреќите што ги погодија двете земји најдобро покажаа дека за луѓето нема националност, граница или различна самосвест во оној момент кога треба да си помогнат. Бугарија даде несебична помош, солидарност и хуманост кога се случи тешката автобуска несреќа на македонски граѓани на нејзина територија, а голобради македонски момчиња без двоумење се фрлија во водите на Охридско Езеро за да спасат што повеќе бугарски туристи од потонатиот брод „Илинден“.
Тоа се тие вистински човечки вредности што треба да ги негуваме меѓу себе постојано, да си помагаме, а не да си одмагаме едни на други и да се гледаме како непријатели. Несреќата никогаш не бира каде ќе удри, па затоа овие тешки времиња можеме да ги пребродиме само заеднички, во слога и разбирање. Овој наш Балкан отсекогаш важел за буре барут, но важел и за балканска меана, каде што народите се обединувале при секоја несреќа. Сите помогнаа кога Хрватска беше погодена од земјотрес, а не се штедеа ни кога се случија катастрофалните поплави во Србија. Се помагаше и во Босна, но и во Грција кога пожарите однесоа над 100 човечки животи околу Атина.
Сето ова на најдобар начин покажува дека не треба да чекаме да ни се случат катастрофи за да сфатиме колку сме си потребни едни на други. Колку побрзо го разбереме тоа толку ќе биде подобро за напредокот на генерациите, сегашни идни, да научат од лошите лекции од минатото и да не ги повторуваат.

Апел до политичарите да не бидат креатори на деструкција

Изминатите години Турција и Сирија ги поминаа во постојани воени конфликти, луѓе гинеа, ги напуштаа своите домови. Истото тоа се случува сега и во Украина, во Јемен и уште на многу точки на планетата.
Катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија можеби е некаква порака одгоре, дека е дојдено време да им се стави крај на војните и светот да почне да живее во мир. Ниту пандемијата на ковид не беше доволна лекција дека светот оди во погрешна насока, па сега треба и други несреќи и катастрофи да го потсетуваат човештвото дека треба да се сврти кон вистинските вредности, семејството, хуманоста, разбирањето, помагањето…
Доволни се само неколку симболични проценти од огромните воени буџети на најмоќните светски армии за милиони деца да добијат храна, пристап до чиста вода, до здравствена заштита, да се обезбеди покрив над главата за многу бездомници, наместо тие пари да се користат за муниција наполнета со осиромашен ураниум која ја загадува планетата и од што умираат милиони луѓе.
Последните месеци, особено по почетокот на руската воена агресија врз Украина, се засили нарацијата дека светот се менува, дека не е повеќе униполарен и слично. Сега ќе имало нови интересни сфери, нови сојузи, во суштина ќе има само нови поделби. Вистината е една, светот не се менува, се менуваат само политичките актери, кои можат да владеат единствено така што ќе го конфронтираат човештвото и дополнително ќе го осиромашуваат.
Но, ете, и таквото човештво, кое некој сака намерно да го конфронтира, не може да побегне од она што само бог можел во него да го вдахне, неговата душа. Таа душа го одржала со векови, па затоа сега, во купиштата урнатини во Турција и Сирија, животот го ризикуваат илјадници луѓе од сите страни на светот, само да спасат уште некој друг живот, некоја друга душа.
Таа хумана човечка димензија никој не може да ја уништи, бидејќи без неа, повеќе не сме луѓе, туку само неми набљудувачи на светот околу нас.

Еден латински афоризам што многу често се употребува во овие алчни и себични времиња гласи „Човек на човека му е волк!“ (Homo homini lupus est!). Но кога ќе се погледнат илјадниците луѓе што од сите страни се слеваат кон погодените подрачја во Турција и Сирија само да помогнат, кога во секоја земја се организираат пунктови за помош, се донираат материјални средства, храна, лекови, облека, тогаш овој афоризам, поради хуманоста што се случува во Турција и Сирија веднаш по катаклизмичната катастрофа, дефинитивно ја губи смислата

Планетата нè опоменува

Последниот стравотен земјотрес во Турција и Сирија, неодамнешниот во Иран, оној пред неколку години на Хаити, во Јапонија, во Индонезија, честите поплави, торнада и урагани само покажуваат дека човештвото се соочува со многу посериозни предизвици што можат да бидат погубни за него.
Забрзаниот индустриски развој и трката по профит занемарија една важна работа, дека планетата е единствениот дом што го имаме и ако ја уништиме, тоа ќе значи и крај на човештвото. Теоретичарите на заговори го прогласија системот ХАРП за главен виновник за сè што му се случува на светот, но главни виновници се оние што сакаат да профитираат исцрпувајќи ги сите ресурси и загадувајќи ја планетата. Климатските промени се случуваат и тоа го гледаме секој ден, па затоа, како што сега сите луѓе се обединија да им помогнат на Турција и Сирија, треба да се обединат и во заштитата на планетата. А тоа ќе го направат така што првенствено самите ќе бидат одговорни во својот однос кон природната средина, но уште повеќе така што ќе ги притискаат сопствените влади да водат повеќе сметка за справувањето со отпадот, да инвестираат во зелени енергии, за да не се претвораат градовите во гасни комори што секоја година земаат сè повеќе животи.

Помагајќи си едни на други градиме подобар свет за сите

Светската здравствена организација вчера излезе со предвидување за страшниот земјотрес во Турција и Сирија, според кое е можно 23 милиони луѓе да се погодени од оваа природна катастрофа.
Турската агенција за итни случаи соопшти дека 5.775 згради се уништени во завчерашниот земјотрес од 7,8 степени според Рихтеровата скала, по кој следувале 285 афтершокови. Вчера земјотрес го погоди и Халкидики во Грција, што е само потврда дека тлото не мирува. Нема прецизни информации колку објекти се погодени во Сирија, но и таму бројката е огромна.
Сето ова говори дека е потребно обединување на целото човештво за да им се помогне на сите оние што се соочиле со катастрофи, оти тие нема да престанат. Завчера беше во Турција, утре ќе биде на некое друго место во светот, но заедничко за сите ќе бидат страдањата.
Човештвото како никогаш досега има една и единствена мисија, да се спаси себеси. Тоа е можно само ако се врати на вистинските човечки вредности, а со она што го покажува сега со хуманитарните акции во Турција и Сирија, на најдобар пат е да ја постигне својата цел.