Манастирска црква _Преображение господово_ - Гостивар

Минавме десетгодишен тежок период послан со трње, маки и неизвесности, кои ги надминавме со натчовечки напори и успеавме да изградиме повеќе од планираното, на задоволство на верниците и на жителите на населбата Циглана и на Гостивар. Манастирската црква ја градиме во византиски стил со природен камен – травентин, покривот го покривме со црвени ќерамиди, двете куполи ги заштитивме со поцинкован лим, а на врвот поставивме два крста, симбол на црквата…

Забележано, необјавено

Годинава, на празникот Преображение Господово, на 19 август, ќе се навршат десет години од осветувањето на локацијата на ридот Црн Врв, над гостиварската населба Циглана, а два месеца потоа, на празникот апостол Томо, 19 октомври, од осветување и поставување на камен-темелот на манастирската црква „Преображение Христово“, со што почна да се остваруваат желбата и полвековната идеја на над 4.000 жители на населбата. Иницијативата ја обновија и ја реализираат дванаесетмина средовечни верници во Господ Исус Христос, како дванаесет апостоли, обединети во здружението на граѓани „Преображение Христово – Циглана“ Гостивар, предводени од претседателот Даниел Радески, а финансиски поддржани од жители на населбата и на градот Гостивар, на приватни фирми, бизнисмени, привремено вработени во странство и поединци и фирми од цела Македонија. Сложно и ангажирано сите тие веќе десет години се вложуваат што е можно повеличествено за да го изградат домот господов и по 100 години, за првпат Гостивар да добие нова црква.
– Минавме десетгодишен тежок период послан со трње, маки и неизвесности, кои ги надминавме со натчовечки напори и успеавме да изградиме повеќе од планираното, на задоволство на верниците и на жителите на населбата Циглана и на Гостивар. Манастирската црква ја градиме во византиски стил со природен камен – травентин, покривот го покривме со црвени ќерамиди, двете куполи ги заштитивме со поцинкован лим, а на врвот поставивме два крста, симбол на црквата.

Манастирската црква има правоаголна форма со обичен крст, со димензии: должина 28,25 м, ширина 19 метри и височина 22 метри, со 300 метри корисна површина, галерија со 40 квадратни метри, камбанарија што е во рамките на црквата со височина од 25 метри. Изградивме и други простории за нормално функционирање на свештениците во извршување на богослужбите, литургиите, венчавките и крштевките – со овие карактеристики на манастирската црква „Преображение Господово“ нѐ запозна Даниел Радески.
Притоа тој му изрази јавна благодарност на епископот антаниски Партениј, игумен на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, кој во текот на градбата укажа на недостатоци на проектот за обликувањето на олтарот, каде што недостигаа значајни елементи што требаше да бидат вградени за извршување на богослужбите, со што се заштедија време и парични средства.
Пред големиот христијански празник Рождество Христово, со Даниел Радевски, претседател на здружението на граѓани „Преображение Христово – Циглана“ Гостивар, еден од 12-те иницијатори и член на здружението, неколку часа уживавме и ги користевме благодатите на планинскиот мир и чистиот воздух на манастирскиот комплекс, на неповторливиот амбиент на недопрената природа од каде што Гостивар и Горнополошката Котлина ни беа на дланка. Околу стотина метри потпорни ѕидови беа соѕидани со камен низ кои беа трасирани и пробиени патеки за прошетки и простор, каде што ќе се изградат паркинзи за стотина автомобили, ќе се постават неколку видиковци, дрвени клупи и одморалишта. Уживавме во сѐ што е изградено и оплеменето во природата, а со доброволни работни акции го изработиле жителите на населбата Циглана.

Манастирската црква „Преображение Христово“ е комплетирана во фаза на карабина, фасадата е со бигорен камен, двете куполи се заштитени со поцинкован лим, а на врвот е поставен крст. Поволните временски услови во овие зимски денови овозможуваат интензивно да се малтерисуваат внатрешните ѕидови, се поставуваат подното греење и подот. Од разговорот со претседателот Радески дознавме дека наскоро ќе бидат монтирани масивни влезни дрвени врати на црквата, кои се во завршна фаза на изработка. Пролетва ќе се дефинираат изгледот и изборот на материјалот со кој ќе се градат иконостасот и олтарот и ќе се избере изведувачот. Исто така, ќе се одлучи кој ќе ја живописи црквата и ентериерно ќе ја уреди. Овие фази се завршни на комплетирањето на црквата, пред да се освети, кои се најспецифични.
– Време има доволно, нема да се брза врз штета на квалитетот. Сите имаме една цел и желба, манастирската црква „Преображение Христово“ во сѐ да ги задржи византискиот и македонскиот стил на црковната архитектура, да биде уникатна и да ги задоволува потребите на верниците и на свештениците, да биде православен црковен објект што ќе ја краси Македонија – категоричен е Радески.
Здружението планира и реално очекува за пет години сите фази да завршат и да се изврши чинот на осветување. Членовите на Здружението и верниците што го посетиле ова здание се воодушевени од изгледот и квалитетот што во десетте години е изградено. Инаку, пред две години на патрониот празник на манастирската црква, Преображение Христово, 19 август 2022 година, се одржа првата света литургија, црквата беше целосно исполнета и покрај тоа што сѐ уште се изведуваат градежни работи. На празник и делник верниците ја посетува црквата, палат свеќа за здравје и во две каси вложуваат парични средства за изградба на црквата.
На повозрасните жителите на населбата Циглана во Гостивар, со децении им претставува тешкотија да ги задоволуваат верските и духовните потреби, бидејќи во населбата нема црква, а единствената црква „Успение на Пресвета Богородица“ се наоѓа во Гостивар и е оддалечена два-три км. Тоа беше поводот, пред половина век, група верници на населбата да поведат иницијатива за изградба на црква. Иницијативата за изградбата ја забрза Крсте Спасеноски, од гостиварското село Беловише, кој живее во Скопје и кој на МПЦ-ОА ѝ подари 9.665 квадратни метри земја во населбата Циглана, исклучиво за изградба на црква, а брат му Трифе и снаата Цвета Спасеноски, подарија уште 2.000 квадратни метри.
Годинава се навршуваат десет години од почетокот на изградбата на монументалната манастирска црква „Преображение Христово“, првата што се гради по 100 години во Гостивар. На 19 август 2014 година, митрополитот г. Јосиф, надлежен архијереј на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ–ОА, со членовите на здружението го освети местото, а по два месеца, на 19 октомври, го освети и положи камен-темелот на манастирската црква.