Фото: Архива на „Нова Македонија“

 Без владеење на правото и без борба со корупцијата, нема напредување во процесите на евроинтеграциите. Оваа порака на двајцата амбасадори Гир и Агелер во македонската јавност беше „прочитана“ како најдиректен патоказ што на земјава ѝ го упатија ЕУ и САД за тоа на што треба да се посветат овдешните политички елити, наместо да се удираат во гради кој е поголем Европеец

Првиот чекор кон европеизација на Македонија:

Оцените во извештаите на ЕК и други релевантни меѓународни институции од резултатите на општествените реформи во Македонија, во контекст на усогласувањето со вредностите и стандардите за членство во ЕУ, во најоптимистичка варијанта укажуваат на неколкугодишна стагнација, а некаде и на назадување. Особено се нагласени забелешките за несоодветен одговор на предизвиците на растечката корупција, која како да минува под радарот на институциите на државата задолжени да се справат со оваа дезинтегративна општествена појава.
Неодамна, всушност во ист ден, евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, и американската амбасадорка Анџела Агелер упатија уште една порака до Македонија, односно пред сѐ до македонските политички елити – без владеење на правото и без борба со корупцијата, нема напредување во процесите на евроинтеграциите. Оваа порака на двајцата амбасадори во македонската јавност беше прочитана како најдиректен патоказ што на земјава ѝ го упатија ЕУ и САД за тоа на што треба да се посветат овдешните политички елити, наместо да се удираат во гради кој е поголем Европеец.

– Стагнирањето на реформите во Македонија, во голема мера, е резултат на горчливото сознание дека за нас не важи мерит-системот на ЕУ. Не е оправдување, но разочарувањето од блокадите и постојаните непринципиелни услови за нашето евроинтегрирање предизвикаа замор од реформите и одредено психолошко преиспитување на нивната целисходност. Таквата состојба ѝ ја отвори вратата на корупцијата и недостигот од верба во целиот процес на реформи. На почетокот на нашиот пат кон евроинтеграциите имаше верба и ентузијазам, дека со реформирање на нашето општество според стандардите на ЕУ ќе напредуваме соодветно на резултатите. И реформите, покрај сите предизвици, се спроведуваа. Во еден период, со аферата за прислушување, практично беше дестабилизиран безбедносниот сектор на државата, што сериозно ги загрози реформските процеси. По одредено придвижување и надеж за пристапување кон ЕУ, се случија нови блокади за македонските евроинтеграции, а и светската пандемија сериозно придонесе за „попустливост“ во перцепцијата на корупцијата и релативизација на владеењето на правото. ЕУ и меѓународната заедница сепак согледуваат дека без нивна помош, Македонија потешко ќе се извлече од оваа состојба со корупцијата, па даваат и надеж со финансиска и стручна поддршка, но и критики за сторените грешки досега – вели поранешниот македонски амбасадор Марјан Ѓорчев.
Ѓорчев, кој и покрај политичко-дипломатската кариера, сепак професионално потекнува од економскиот сектор, смета дека Македонија за напредување, и во евроинтеграциите и во сопствениот развој, треба да се фокусира на економската политика.

– За да си ги зачуваме државата и народот во Македонија треба веднаш да се оттргнеме од бесполезни политички дискусии и да се фокусираме на економската политика. За стабилизирање на државата, секако ни е потребно да се справиме со корупцијата, како примарен предуслов за враќање на довербата во правото и правната држава. Потребна ни е сериозна посветеност на таквите структурни реформи, како и структурни проекти за инвестирање во нашата иднина. За структурните проекти треба да се фокусираме на користење на пакетот на ЕУ за економска помош. Нашите економски реформи треба да бидат насочени на три нивоа: на домашен, регионален и европски план. Мора да се вклучиме во проекти од заеднички интерес, но кои нема да бидат на штета на нашите ресурси и економски потенцијали. Но пред сѐ потребно ни е да си веруваме меѓу себе, да изградиме меѓусебна доверба на сите општествени фактори во Македонија, доверба дека можеме да успееме сами да ги одржиме и градиме државата и нашата иднина. Враќањето на меѓусебната доверба е нашиот прв чекор на европеизација – порачува Марјан Ѓорчев.

Ј.П.