Фото: Маја Јаневска-Илиева

Скопје веќе неколку дена е меѓу најзагадените градови во регионот и пошироко, при што со почетокот на грејната сезона загадувањето на воздухот е особено забележливо низ земјава.
Главни извори на загадување се загревањето на домаќинствата и на јавните објекти, сообраќајот и ресуспендираните честички.
Истражување за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки спроведено во пет општини (Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци) покажало дека сличен е проблемот како и со амбиенталниот воздух, бидејќи е надминат дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички, но другите загадувачи, како гасови и биоаеросоли, биле во прифатливи граници.
Министерот за здравство Арбен Таравари во однос на справувањето со загадувањето во државава посочи дека во Владата поминал проект на Министерството, кој треба да профункционира до крајот на идната година. Станува збор за замена на стандардното греење со мазут и со нафта во десет болници, со вклучување начини на греење што нема да предизвикуваат загадување на воздухот. Тоа е дел од комплексот мерки за справување на загадувањето што беа најавени, а во кои спаѓаат и еколошките и проектите за подземна инфраструктура низ општините.
Се проценува дека околу 3.400 луѓе годишно умираат во Македонија од последици од загадениот воздух, што претставува од 17 до 19 отсто од вкупната смртност, според нови студии. Загадениот воздух има сериозен ефект врз здравјето, предизвикувајќи респираторни и кардиоваскуларни заболувања, а и зголемена смртност. Од загадувањето на воздухот особено се погодени децата, кои се изложени на ризик од долгорочни здравствени проблеми. Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека голем број луѓе на Балканот и во Источна Европа дишат воздух што значително го надминува нивото на загадување. Н.М.