Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вкупно 123 државни функционери, директори, раководители на институции и комисии поседуваат куќи, станови, викендици и деловни простории, вредни 30 милиони евра, кои не ги пријавиле во анкетните листови, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ во аферата што ја нарекоа „Тајни имоти”.

Тврдат дека се работи за функционери од СДСМ и ДУИ кои ги прекршиле законите, поголемиот дел од нив именувани директно од Владата.

Пратеникот Бране Петрушевски рече дека вина гледаат и во Комисијата за спречување на корупција која води евиденција на имотите и доколку за 24 часа не бидат објавени имињата на лицата кои криеле имот, најави дека поединечно ќе ги откријат деталите за целиот список кој го анализирала партијата.

– Не веруваме дека се работи за системски пропуст, туку за системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити. Воедно институциите како комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, кои се формирани за спречување на ваквите дејанија, практично се соучесници во шемата која ја креира власта и се нивни заштитници. Сметаме дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти – изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот и сториле некаков прекршок, тие треба да ги достават до надлежната институција, а тоа е ДКСК, реагираа од СДСМ.