Фото: Маја Јаневска-Илиева

СДС го игнорира својот народ и ги игнорира експертите. Тоа е големиот проблем на СДС. Над 80% од граѓаните се против уставните измени под бугарски диктат и условувања кои оваа власт на Ковачевски ги тера на сила, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Во државата главен суверен е народот и тој одлучува, но тоа СДС не сака да го види. Тие одат спротивно на волјата на огромното мнозинство на граѓаните. Впрочем и затоа бегаат од избори и соочување со народот како што ѓавол бега од темјан. Неспособната дипломатија на СДС сака нивниот неуспех да го прикаже како победа. Ниту обезбедија гаранции од нови апсурдни пречки на евроинтегративниот пат, ниту обезбедија историските прашања да бидат надвор од рамката, ниту овозможија Македонија да има фер шанса како и сите други земји преку исполнување на Копенхашките критериуми да го оди европскиот пат. Затоа удрија во ѕид. Двотретинско мнозинство немаат. Ги повикуваме да си ги скратат маките и да ги стават предлог измените на гласање. Тука нека заврши нивната агонија, а потоа на избори граѓаните нека одлучат чиј концепт ќе го поддржат – велат оттаму.