Габриел Ескобар: Имав разговори со моите бугарски колеги...

И покрај отпорот на најголем дел од македонските граѓани кон условите од преговарачката предлог-рамка за ЕУ, позната како француски предлог, меѓународната заедница (претставниците на ЕУ и САД) повторно уверува дека по уставните измени за Бугарите, евроинтеграциите на Македонија ќе одат како „подмачкани“. Секако, притоа во уверувањата внимателно настојуваат да не даваат гаранции, а очигледно, според изјавите во последното интервју, и самиот заменик на помошник-државниот секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, се воздржува да верува дека „уверувањата“ на Бугарија можат да се сметаат за „гаранции“

Искусниот заменик на помошник-државниот секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, не ѝ верува безрезервно на Бугарија

Условот со уставните измени за Македонија се чини дека за претставниците на меѓународната заедница се претворија во „стандардизирана реторика“ кога зборуваат за македонски медиуми, како своевиден условен рефлекс, без размислување за некакви поубедливи аргументации, но и без сопствена увереност во релевантноста на веќе декларираните аргументи. Така, во последното интервју на заменикот на помошник-државниот секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, тој кажува дека „бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Македонија на патот кон ЕУ“. Сепак потоа нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.
– Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да се осигуриме дека тие услови се исполнети. Но тоа треба да остане засновано на факти и вкоренето во постојните обврски, за да осигуриме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес – вели Ескобар во интервјуто, но на конкретното прашање, дали тоа значи дека нема да има ново вето ако другите услови се исполнат, тој признава дека всушност „самиот така го протолкувал“.
Барањето за спроведување измени во македонскиот устав, со цел Бугарите да бидат внесени како малцинство, т.е. „дел од народ“, е поставено како услов за активирање на преговорите со ЕУ, односно на предложената преговарачка рамка за Македонија, позната како „француски предлог“. Самата условена преговарачка рамка за Македонија е целосно нестандардна и неприменета во досегашната практика на ЕУ за започнување преговори, покрај тоа што со чудните анекси во вид на протоколи се загрозуваат принципите на меѓународното право, цивилизациските вредности на човековите права, како и стандардите и вредностите на самата ЕУ. Но и покрај отпорот на најголем дел од македонските граѓани кон ваквите услови и ваквата преговарачка предлог-рамка, меѓународната заедница (претставниците на ЕУ и САД) повторно уверува дека по уставните измени за Бугарите, евроинтеграциите на Македонија ќе одат како „подмачкани“. Секако, притоа во уверувањата внимателно настојуваат да не даваат гаранции, а очигледно, според изјавите во последното интервју, и самиот заменик на помошник-државниот секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, се воздржува да верува дека „уверувањата“ на Бугарија можат да се сметаат за „гаранции“.

– Во меѓународните односи, во принцип не треба да се верува на збор, туку на писмен договор. Навистина, сѐ почесто се покажува дека ниту на писмените гаранции во договори не може да се верува, а не пак за збор или уверувања (на пример, непочитувањето од Западот на договорите Минск 1 и Минск 2, од 2014 година, што доведе до сегашната војна во Украина). Но кога се работи за уверувањата дека нема да има бугарско вето во нашите преговори со ЕУ, ако ги внесеме Бугарите во македонскиот устав, меѓународната заедница во повеќе наврати ни докажа дека не треба безрезервно да ѝ се верува на збор. Прво, зашто Бугарија самата го ветува спротивното – дека и да ги спроведеме уставните измени, секако ќе ни даде некое вето во преговарачкиот процес. Потоа, усни уверенија и гаранции од секаков вид меѓународни претставници никогаш не се релевантни, туку ветувањата дека нема да има непринципиелни вета во преговорите на Македонија со ЕУ треба да поминат низ бриселските структури. Цврсти гаранции треба да даде Брисел, а не Бугарија, или Грција, или секоја земја членка поединечно. Уставните измени можеби и не се толку страшни за Македонија, но со нивното спроведување всушност се прифаќа и активира преговарачката рамка, во која всушност е преточена асимилирачката декларација на бугарското собрание. Нам ни е потребна нова преговарачка рамка, без асимилаторски услови, а за тоа е потреба силна дипломатска активност во Брисел, а не преговори со Бугарија или со Грција. Што се однесува до уверувањата на претставниците на САД за брзите македонски евроинтеграции доколку се исполнат некои национално деградирачки услови, истите тие ги слушавме повеќе децении и од Викторија Нуланд, и од Хојт Ји, а еве сега и од Габриел Ескобар, а Македонија сѐ уште е заглавена со нови вета и уцени – вели професорката Солза Грчева, која предупредува дека ЕУ сега не е заинтересирана за проширување, туку е насочена кон решавање на безбедносните прашања. Сепак, таа укажува дека Унијата нема да го прекине процесот на проширување, туку ќе го одржува како контролен механизам за спречување други влијанија во Македонија и во регионот.

– Во Македонија не постои евроскептицизам, иако некои структури сакаат така да ја прикажат разочараноста од непринципиелноста и лажните ветувања на ЕУ. Ние знаеме дека нашата иднина и перспектива е во стратегиската определба за Европската Унија и нема некаква сериозна намера за политички партнерства и прифаќање влијанија од Азија. За жал, сѐ повеќе на оние што доаѓаат од ЕУ да нѐ убедуваат да прифаќаме нови и нови уцени, во Македонија се гледа како на еврошарлатани – вели професорката Грчева.
Упорните настојувања на меѓународните претставници Македонија да прифаќа непринципиелни уцени во процесот на своето евроинтегрирање, веќе подолго време предизвикуваат сомнеж дали македонските политичари и дипломати јасно и точно ги претставуваат вистинските аргументирани македонски национални позиции.
– Ние во Македонија не знаеме дали сите работи што требало да бидат кажани во комуникацијата со ЕУ навистина се кажани од нашите претставници. Според она што ни го кажуваат и постојано нѐ уверуваат претставниците на ЕУ и меѓународната заедница, а е спротивно на доминантното расположение на јавното мислење за условите што ни се поставуваат за нашите евроинтеграции, станува очигледно дека официјалните претставници на Македонија не ги пренесуваат како што треба тие состојби од македонската општествена реалност. На европската и меѓународната заедница ѝ се остава впечаток дека сѐ што бараат ќе биде спроведено по секоја цена, без да се бараат никакви гаранции за возврат. Гаранции може да даваат само државите преку своите институции. Личните уверувања и изјави не се гаранција.

Бугарија ја има институционално потврдено својата позиција за македонските евроинтеграции со декларација на своето собрание и за тоа ги информира ЕУ и земјите членки преку меморандум. ЕУ никако не реагираше на тој меморандум, се правеше дека не е „информирана“, сѐ додека Макрон, т.е. француското претседателство со Советот на ЕУ, не го преточи во преговарачка рамка за Македонија. Сѐ додека е во сила таа декларација на бугарското собрание, секакви уверувања дека нема да уценува со тоа што е наведено во неа, а преточено во преговарачка рамка за Македонија, се едноставно неверодостојни. Таква преговарачка рамка не е добра за Македонија – вели поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски.