Помалите партии го условуваат евентуалниот влез на Алијанса за Албанците во Владата и бараат одредени отстапки за министерските функции од ДУИ, судејќи според изјавите дадени во пресрет на синоќешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на коалициските партнери на СДСМ, одржана во Клубот на пратеници. Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека, сепак, станува збор за обид на помалите партии за зајакнување на позициите, бидејќи тие немаат сила да бараат функции. Тој исто така нагласува дека не гледа причина за влез на Алијанса за Албанците во Владата.
– Ова е само театар за јавноста и билдање на рејтингот, при што помалите партии ги јакнат своите позиции. Ваквата ситуација се случува бидејќи македонските партии би можеле да извисат во новиот владин состав. Тие немаат сила и не се обединети за да бараат министерски места и функции, туку имаат цел да покажат дека и тие се тука и размислуваат и даваат идеи. Секоја од нив функционира сама за себе и нив ги интересира само власта – тврди Пекевски.
Алијанса за Албанците е суштински спротивна од ДУИ, па според Пекевски, нивното можно коалицирање би покажало нема моментно опозициската партија нема кредибилитет.
– Не гледам причина за влез на Алијанса за Албанците во Владата. Тие се дијаметрално спротивни од ДУИ и зошто сега би коалицирале заедно? Ваквиот потег би покажал дека Алијанса нема кредибилитет и дека не ги интересираат суштинските прашања, како што е на пример борбата против корупцијата, односно дека сите партии се исти и ги интересира само власта – смета Пекевски.
Забележливо беше отсуството на изјави по средбата во Клубот на пратеници, по што премиерот Ковачевски преку Фејсбук објави дека на работната вечера се разговарало за активностите што треба да се преземат годинава.
– Партиите се однесуваат како тирани во комуникацијата. Кога сакаат да кажат нешто го прават тоа, а во спротивно не се огласуваат. Не ме чуди овој начин на комуникација бидејќи веќе се покажува како пракса. За ваквата состојба вина имаат и медиумите, бидејќи треба да почнат да ги игнорираат партиите кога тие се однесуваат ваква. Комуникацијата мора да биде двосмерна или воопшто да ја нема – нагласи Пекевски.
Предвидено е централното претседателство на Алијанса за Албанците неделава да формира комисија која треба да преговара за евентуален влез на партијата во Владата или за останување во опозиција, откако Централното собрание изминатиот викенд го овласти раководството да ја донесе конечната одлука. M.Ж.