Фото: Архива

Повеќемесечниот молк на претставниците на македонската влада во однос на содржината на документите што се подготвуваа, објавувањето на преговарачката рамка непосредно пред гласањето во парламентот, а на протоколот дури по неговото потпишување, резултира со отворено негодување во јавноста, а некои дури и заклучуваат оти „врвот на апсурдот на целата ситуација е што сето тоа го прави политичката гарнитура што во еден од своите претходни владини состави, покрај многубројните други, имаше и министер за транспарентност и отчетност“

ПОВТОРНО НА ИСПИТ ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Не стивнуваат реакциите на содржината, но и на постапката низ која поминаа потпишувањето на билатералниот протокол за имплементација на Договорот за добрососедство помеѓу владите на Македонија и на Бугарија, како и изгласувањето на преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија во Собранието. Добар дел од реакциите се однесуваат на нетранспарентноста на македонската власт.

Превезот на тајноста постојано се брани со
„повисок интерес“?!

По информациите дека бугарската страна, уште пред да го потпише, објавила содржината на протоколот, а според пренесеното, тамошното министерство за надворешни работи уште кон крајот на минатиот месец соопштило дека „документите за преговорите помеѓу Бугарија и Македонија воопшто немаат ознака за тајност и се впишани во јавната евиденција на Народното собрание и на Советот на министри на Бугарија“. Соопштението на бугарското МНР следувало по повикот на партија Продолжуваме со промената (ПП) на премиерот во оставка Кирил Петков до шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска „да ја отстрани ознаката за тајност од документите“.
Зошто истото тоа не се случи и во Македонија е прашањето што внесе многу прашалници во овдешната јавност. Повеќемесечниот молк на претставниците на македонската влада во однос на содржината на документите што се подготвуваа, објавувањето на преговарачката рамка непосредно пред гласањето во парламентот, а на протоколот дури по неговото потпишување, резултира со уште поголемо негодување во јавноста.
Можеби и најжестоките реакции дојдоа од интелектуалците, образовните и истражувачките институции, аналитичките центри, од невладиниот сектор…
– Чекај, чекај, по потпишувањето нема ни денеска да го објавите?!… Јас мислев барем ќе се обидете да нѐ зафарбате со објавување пет минути пред потпишување, па преку рент-а-новинар и рент-а експерт ќе нѐ „информиравте“ дека тоа што сме дознале истовремено со потпишувањето е големо достигнување и развој на демократијата во Македонија! Прво во ЕУ пред министрите, па после пред СВОИТЕ ГРАЃАНИ? Какво демократско достигнување е ова, ма БРАВО! ПРЕДЛОГ: ИЧ ДА НЕ го објавувате, што има НИЕ да знаеме. Нека знаат во ЕУ и Генчовска, а нас на рати ќе ни го кажувате што треба да направиме, што има да знаеме како не сецкате! Ќути, БУТАЈ, може Македонецот да издржи сѐ! – напиша во својот статус со изблик на силни емоции и во одбрана на јавниот интерес, Жанета Трајковска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста.
Но реагираа и поискусните во политичкиот занает и во дипломатските еквилибристики.
– Самиот начин на преговорите воден од македонската страна обвиен со вел на тајност покажа дека имаме ниска политичка култура. Од бугарски медиуми дознававме за содржината на францускиот предлог – реагираше уште пред потпишувањето ексамбасадорот во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
И тоа се само некои од навистина многубројните реакции со кои, независно од партиските, беше проследено сето она што во изминатиов период се случуваше во триаголникот што го сочинуваат Македонија, Бугарија и Европската Унија.

За идентитетски прашања воопшто и не се разговара, а уште помалку да се наоѓа начини тие прашања „да се обвиваат со вел на тајност“

Познавачите на механизмите и на вештините на преговарањето, што според редот на нештата, во принцип, би требало да бидат заштитени од протекување на одредени информации, велат дека во случајов за тоа воопшто немало потреба.
– Кога се разговара за вакви длабоки задирања во идентитетот, тогаш нема и не смее да има простор за тајност. Сите информации за македонските позиции, аргументи и стратегии, исто како и расположивите сознанија за позициите, аргументите и стратегиите на бугарската страна требаше, уште пред да се носат какви било одлуки и што било да се изгласува и потпишува, требаше да бидат споделени со јавноста, да се мобилизираат домашните и меѓународни правни експерти за да се дојде до ставови што би биле најповолни за Македонија – објаснуваат тие.
Сепак, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, и покрај ветувањето, не ги објави навреме плановите на Владата и докрај ја штитеше од јавноста содржината на клучните документи околу кои се преговараше и се преговара со Бугарија.
– Паралелно нормално се одвива и процесот на разговори за политичките прашања коишто се отворени, тоа се води на ниво на министерството за надворешни работи. Таму се работи на работни документи коишто не е добро да се споделуваат со јавноста со оглед на тоа дека не се официјални документи прифатени од двете страни, меѓутоа кога ќе имаме решение коешто е на ниво на експерти прифатливо, тоа сигурно ќе биде презентирано како на јавноста, така и на институциите коишто се задолжени за одобрување и прифаќање на такви документи согласно со законите и со уредувањето на двете држави – изјави Ковачевски во едно од неговите интервјуа од пред неколку месеци.
Објаснувањето следуваше откога подолго време јавноста бараше од Ковачевски и од министерот за надворешни работи Бујар Османи да ги обелоденат намерите за договор со Бугарија, а особено откако поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, како довчерашен „инсајдер“, предупреди дека Владата подготвува отстапки што сериозно ќе го разнишаат македонскиот национален идентитет.
И покрај сето тоа, неговиот наследник на позицијата, Османи, на само неколку дена пред потпишувањето на протоколот одбиваше да ја обелодени неговата содржина, објаснувајќи оти тој е „само записник од меѓувладина комисиска седница, која сѐ уште не е одржана“.
– Значи за да има записник една седница, треба да има седница. Меѓутоа претходно ги усогласуваме мерките кои тој записник треба да ги има за наредната година, бидејќи тоа се протоколите. Тоа се записници од средби кои што се одржуваат еднаш годишно и се предвидуваат мерки како да се имплементира договорот – објасни Османи минатата недела додека неговиот сопартиец, координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието, Арбер Адеми, уверуваше дека тој сѐ уште не бил усогласен и затоа не можел да биде објавен. Меѓутоа, таквото толкување само дава добар материјал на некои наши соговорници, во врска со принципот на транспарентност, цинично да забележат дека „врвот на апсурдот на целата ситуација е што сето тоа го прави политичката гарнитура што во еден од своите претходни владини состави, покрај многубројните други, имаше и министер за транспарентност и отчетност“, чиј континуитет, според некои толкувања, барем делумно, го влече сегашната министерка за политиките за добро владеење. Д.М.М.