И по 21 година од масакрот кај Карпалак

Со полагање цвеќиња на спомен-обележјата во месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и на спомен-обележјето во центарот на градот, вчера, по 21. пат, беше одбележана годишнината од масакрот кај Карпалак, во кој во заседа животот го загубија десетмина прилепски бранители од резервниот состав на АРМ. Почит им беше оддадена на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, кои утрото на осми август 2001 година ги загубија животите кај Карпалак, откако тргнаа од Прилеп во конвој да го бранат територијалниот суверенитет и интегритет на државата.
На чествувањето во касарната во Прилеп беше истакнато дека тагата и болката по загубените чеда остануваат, особено кај најблиските, кои, пак, велат дека и по 21 година сѐ уште ги боли загубата на нивните сопрузи и татковци и дека им останале сеќавањата за нив во нивните срца.
Во касарната „Мирче Ацев“ велат дека споменот за загинатите ќе биде вечен.
Останува гордоста што беа дел од нашата единица, наши сограѓани. Се поклонуваме пред паметникот во касарната што е подигнат во нивна чест, одбележувајќи годишнина од нивното загинување, со ветување дека нема да бидат заборавени – порача потполковникот Славчо Кузманоски, командант на прилепската касарна.
„Ова е тажен ден во историјата на Македонија“, напиша на својот профил Марјан Ристески, еден од преживеаните на Карпалак.
Карпалак – огромна рана, вечна тага и болка… Непребол! И по 21 година сè уште голем немир и неодговорено прашање – зошто?!?! Вечна слава на загинатите и неизмерна почит на преживеаните! Вечен да е и засекогаш во срцата споменот за Карпалак! Македонија вечна – напиша Ристески, на својот фејсбук-профил.
И некои од политичарите оддадоа почит за загинатите армиски припадници кај Карпалак.
Нема да биде заборавена нивната жртва за нашата слобода. Македонија памти. Слава им – напиша на Твитер лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
А преживеаните од Карпалак, и по толку поминати години, остануваат на ставот дека биле предадени.
Бевме предадени за нечии цели. Од кого, како и зошто, тешко прашање е. Нема одговор ни по 21 година – изјави Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“, кој е разочаран од многуте ветувања, но неисполнети од државата.
Ацо Јованоски-Реган, возач на еден од автобусите, кој со својата присебност спаси многумина резервисти, е разочаран што државата не постави споменик на Карпалак.
Срамота е секоја година да се полагаат цвеќиња на банкина покрај пат. Државата, иако вети, не изгради споменик кај Карпалак. Зарем не заслужија – вели веќе остарениот и изнемоштен Ацо, кој првпат годинава не отиде да положи цвеќе на местото на масакрот. Ка.М.