Фото: Архива

Недостигот од искусни вештаци, практиката на судовите да повикуваат вештаци дури и кога нивното сведочење има мала или никаква вредност за предметот, неупатеноста на вештаците во судските постапки, а често и конфликтот на интереси, се само некои од проблемите што одамна се присутни во македонското правосудство и кои би требало да бидат надминати со најавениот нов закон за вештачења

Измена на Законот за вештачења, за зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки

Проблемот со супервештачењето за причините за автобуската несреќа во која пред повеќе од три години, кај скопското село Ласкарци, загинаа 16 луѓе, а многумина од патниците беа повредени, пред извесно време, од страна на надлежниот суд беше посочен како главна причина за тоа што судскиот процес за овој случај сѐ уште не е завршен, иако, според многумина упатени, тој трае невообичаено долго кога станува збор за процесирањето на сообраќајните несреќи. Но тоа не е и единствениот случај за кој, барем според официјалните објаснувања, предолго се чекаат судски завршници токму поради проблемот со вештачењето.
Инаку, во Македонија постои Биро за судски вештачења, како орган на државната управа во состав на Министерството за правда, со статус на правно лице, кое во областите на финансиите, материјалното работење и сообраќајот континуирано работи уште од 1979 година.
Но, сепак, барем во претходно споменатиот случај, надлежниот судија пред да се обрати до Бирото барал вештачења дури од три факултети низ земјава и сите три му одговориле дека не се во состојба да одговорат на барањето. За тоа, се разбира, беше потрошено одредено време и сега, според последните информации од судот, се чека Бирото за судски вештачења да го даде своето мислење. Зошто експедитивноста и ефикасноста паѓаат на испит во судските процедури и тогаш кога е во прашање „факторот време“ (во овој, како и во многу други случаи), веројатно никогаш нема ниту да се дознае, но токму поради ваквите и голем број други слични ситуации, надлежните решија да извршат некои интервенции во Законот за вештачења, за барем тој дел од работата повеќе да не се користи како изговор за одолжувања на судските постапки.
– Верувам дека со донесувањето на овој современ закон ќе се решат долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, судовите и самите вештаци и ќе се придонесе кон зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки – објасни министерот за правда Никола Тупанчески при неодамнешната јавна расправа за измените во Законот за вештачење.

Како главни причини за измените во сегашниот закон, Тупанчевски ги истакна големиот број лоцирани слабости и недостатоци во актуелниот закон, како и нужната потребата од зајакнување на функционалноста на системот за вештачење.
Освен тоа, како што објаснија од Министерството, ќе се допрецизираат одредбите со кои се регулира влезот во професијата вештак, вршењето на дејноста вештачење и продолжувањето на лиценците со оглед на тоа дека Комората на вештаци не е во функција долг временски период. Притоа, се напушта концептот на електронско полагање на испитот за вештаци и се воведува усно и писмено полагање на кандидатите пред стручни комисии, врз основа на објективни и мерливи критериуми за процена на нивните знаења.
Сите проблеми произлезени од недореченостите во овие одредби од законот, како и многу други, досега беа решавани со правни мислења помеѓу четирите апелациски судови на територијата на Македонија, за одделни прашања ставови зазел и Врховниот суд, а повеќе дилеми се решени и преку практиката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, кој во десетина предмети од Македонија ги разгледувал прашањата поврзани со вештачењата.
– При утврдувањето на процедуралната позиција на вештаците и нивната улога во постапката не смее да се изгуби од вид фактот дека мислењето дадено од некој вештак назначен од суд, веројатно ќе има значителна тежина во процената на судот за прашања во рамките на надлежноста на вештакот – укажа судот во една од пресудите.
Но тука се и голем број други практични проблеми.
– Особено се интересни ставовите на овој суд за тоа дали МВР може да подготвува вештачења ако истовремено е инволвирано во истрагата и кривичната пријава, како и прашањето дали пресудата се заснова само врз подготвено вештачење или е само еден од доказите врз кои е донесена пресудата – се вели, меѓу другото, во една од неодамнешните студии за практичните проблеми што ги предизвикуваат вештачењата во судските постапки.
Веќе неколку години засегнатите од оваа проблематика укажуваат на проблемите и бараат измени во законот. Пред сѐ, беше нагласувана потребата од транспарентност при вклучувањето на вештаците во судските постапки.

– Само така може да се носат праведни пресуди – нагласи претседателот на Здружението на судска медицина, Златко Јаќовски, во една од дебатите.
Инаку, онака како што е дефинирано во сегашниот закон, „вештачењето“ претставува подготвување стручен наод и мислење изработено врз основа на примена на научни и стручни методи, технички достигнувања, стручни знаења и искуства во областите што се дефинирани во сите случаи определени со закон или по барање на заинтересирано лице нарачател. Законот го дефинира и „супервештачењето“, како вештачење од повисок степен, односно стручно-критичка експертиза на две противречни вештачења, кое може да го врши тим составен од најмалку тројца вештаци од соодветната област од орган на државна управа, високообразовна установа, научна установа или стручна установа и друштво за вештачење во кое има вработено најмалку тројца вештаци од соодветната област.

Едно истражување на група експерти и советници на Светската банка од пред неколку години беше фокусирано токму на улогата на вештаците во судските системи на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и на Македонија. Нивните наоди укажаа, пред сѐ, на недостиг од искусни вештаци, но и на практиките на судовите да ги повикуваат дури и кога нивното сведочење има мала или никаква вредност за предметот. Како хендикеп се наведува и тоа што вештаците не се упатени во судските постапки, така што нивното инволвирање во постапките, придонесува тие да бидат уште понеефикасни. Освен тоа, истражувањето покажало и дека вештаците често своите мислења ги доставуваат доцна или ги доставуваат така што тие мора да бидат ревидирани, дополнети и слично, што повторно резултира со одолжувања на судските постапки или со потреба за ангажирање дополнителни вештаци. А, како што се потенцира во извештајот, дури и судиите ја злоупотребуваат потребата од ангажирање вештаци за да ја одолжуваат постапката.
Поради сето тоа, истражувачите уште тогаш им препорачаа на властите во Македонија да го сменат законот, за да се воведат прецизни правила и стандарди за изнесувањето на вештачењата во судските случаи. Д.М.М.