Струјата нѐ дрма и над очекувањата

Контактите со фирмите за енергетската криза продолжуваат и натаму, па, така, до крајот на оваа недела ќе имам средба и со десетте најголеми потрошувачи на електрична енергија во Македонија, но и со компании странски инвеститори. Оваа недела ќе профункционира и кризниот штаб во Комората. Свесни сме дека неизвесноста околу поддршката на државата за компаниите е сѐ уште голема. Можам да ги известам членките дека работиме на организирање средба на сите засегнати компании што се на слободниот пазар со премиерот и со економскиот тим на Владата, на која конечно ќе се изнесат прецизните ставови за поддршката, која ни е нужно потребна

1.
Маратонот на СКСМ околу проблемите со електричната енергија продолжува. На 12.9.2022 г. во Стопанската комора дојдоа целосното раководство на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и десетина клучни градоначалници, кои се ставија на располагање на интересите на бизнисот околу брзото решавање на проблемите со инсталирањето фотоволтаични централи од компаниите. Но за мене, покрај досегашните излегувања во пресрет од раководството на партијата околу изгласувањата на клучните закони во Парламентот што се од интерес на бизнисот, вистинско изненадување беше јасниот став на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, дека е потребно обединување на сите партии и субјекти во државата за поддршка на бизнисот. Тоа е она што ние го бараме цело време; тоа е она што ние го изнесовме во Декларацијата на 14 јули, по повод 100-годишнината на Комората, во која бараме нов економски договор, како и враќање од партиските агенди на државната агенда. Државната агенда е една – зачувување на бизнисот и негов развој како единствен кохезиски фактор во државата.
Пред нас е донесувањето на уште неколку закони во Собранието, како што е предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија за обврските според Договорот за заем во износ до 100 милиони евра за финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД „ЕСМ“ – Скопје, во услови на енергетска криза, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за производство на електрична енергија – Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка, но и Законот за изменување и дополнување на Законот за градење и две ратификации на договори од платформата „Отворен Балкан“. Ова е шанса тој нов консензус да се покаже на дело. Исто така, значајна е констатацијата дека мора уште денеска да се работи на подготовките за надминување на енергетската криза следната година, затоа што е јасно дека таа ќе потрае и натаму.
СКСМ и натаму продолжува со потпишување на Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки од 14 јули. Веќе стигна известување дека ја потпишала и Занаетчиската комора на Македонија, а в среда Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, како застапништво на Унијата на германските комори за индустрија и трговија (ДИХК) во Берлин, а во наредните денови тоа ќе го направат и ректорите на државните универзитети во Македонија. Контактите со фирмите околу енергетската криза продолжуваат и натаму, па, така, до крајот на оваа недела ќе имам средба и со десетте најголеми потрошувачи на електрична енергија во Македонија, но и со компании странски инвеститори. Оваа недела ќе профункционира и кризниот штаб во Комората.
2.
Имав чест да присуствувам на испраќањето на досегашната американска амбасадорка на САД во Македонија, Кејт Мери Брнз, што во нејзина чест го приреди претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Тоа беше можност да ѝ се заблагодарам за досегашната соработка, која се одвиваше на повеќе нивоа, особено за добивањето на проектот на Комората од УСАИД за подигнување на трговската размена на земјите од Западен Балкан. На приемот имав можност да се сретнам со повеќе лица што ги делат истите грижи за енергетската криза, тема без која не се може, но и тема што сѐ повеќе прераснува во глобален проблем, со значајни рефлексии врз нашата економија. Слушнав многу нови предлози, оцени, споредбени анализи, како и добронамерни укажувања и на сите лица сум им благодарен за тоа.
3.
На 13.9.2022 г., заедно со делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од претседателот Димитар Ковачевски, бев во работна посета на Хеленската Република на премиерот Кирјакос Мицотакис. Повторно, се разбира, средбата беше поради енергетската криза, но сигурно и поради моменталната економска соработка, која во првото полугодие од оваа година изнесува 858 милиони американски долари, со раст од околу 80 отсто во споредба со истиот период од минатата година. Нашиот извоз пораснал за 30 отсто, а увозот скокнал на 95 отсто, со што е создаден дефицит од 561 милион американски долари. Република Грција е наш трет трговски партнер. Извозот во Република Грција во вкупниот извоз учествува со 3,1 отсто, додека, пак, увозот со 10,86 отсто. Споредувајќи го периодот 2010 – 2020, се забележува постоење на голем дефицит, за кој ќе стане збор и на утрешните разговори. Со сигурност може да се каже дека пандемијата остави силни траги врз економските релации, но се надеваме дека добрите бизнис-врски ќе нѐ вратат на бројките од пред пандемијата и дека на тој начин ќе се создадат услови и за нови инвестиции од двете страни на границите.

П.С. Свесни сме дека неизвесноста околу поддршката на државата за компаниите е сѐ уште голема. Можам да ги известам членките дека работиме на организирање средба на сите засегнати компании што се на слободниот пазар со премиерот и со економскиот тим на Владата, на која конечно ќе се изнесат прецизните ставови околу поддршката, која ни е нужно потребна. За средбата ќе бидете известени наскоро.
Авторот е претседател на Стопанската комора