Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во јавноста сѐ уште струјат ставови дека „примарната задача на постизборната влада е спроведување на уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав“ и активирање на „францускиот предлог“. Во пакет со тоа се пласира и тврдењето дека „неприфаќањето на уставните измени им прави штета на стратегиските партнери на Македонија, односно на САД“. Токму овие тези ги ставивме како предмет на опсервација за денешното новинарско согледување

Во предизборниот амбиент во кој Македонија влезе со одбројувањето на стоте дена на техничката влада, во јавноста веќе се активирани наративи и дејства што од различни агли антиципираат постизборни стратегии за реализација на некакви примарни цели и задачи за идната влада што би требало да произлезе од изборните резултати.
За издвојување е дека во некои од тие антиципации (наративи) и понатаму се инсистира дека „примарната задача на постизборната влада е спроведување на уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав“ и активирање на преговарачката рамка со ЕУ, која сѐ уште е во статус на „француски предлог“!
Имено, токму ваквите наративи произлегуваат од македонските политички фактори што го испреговараа т.н. француски предлог. Наедно, оттаму во пакет произлегува и тврдењето дека неприфаќањето на уставните измени им прави штета на стратегиските партнери на Македонија! Со други зборови, дека „отпорот на граѓаните (на Македонија што детектираа и препознаа уценувачка конструкција на предложената рамка) им прави штета на евроинтегративните интереси на Македонија (анти-ЕУ), но дека им штети и на геостратегиските цели и интереси на стратегиските партнери (САД). Токму оваа теза ја ставивме како предмет на опсервација за денешното новинарско согледување.
Во врска со таквите ставови се консултиравме со повеќе соговорници, професори и аналитичари, кои го изразија своето мислење, но наедно сите ја искоментираа и последната изјава на американската амбасадорка во нашата држава, која, во една исклучително коректна и педантна изјава, децидно рече дека стратегиското партнерство на Македонија со САД не се доведува во прашање од спроведувањето или неспроведувањето на уставните измени!

Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Македонија: Партнерството што го имаме со Македонија е нешто што трае уште од независноста на земјава и тоа ќе продолжи. Вие сте НАТО-сојузник, а тоа не се менува, така што таа врска е силна и ви ветувам дека правиме сѐ што е во наша моќ, овде во Амбасадата на САД секој ден, да ѝ помогнеме на земјава да ги исполни своите европски аспирации

Од последното интервју за јавноста на амбасадорката Агелер

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер во јавноста изнесе став дека стратегиското партнерство на Македонија со САД не се доведува во прашање од (не)спроведувањето на уставните измени.
– Нашето партнерство е стратегиско и не зависи од тоа. Дали ќе бидеме разочарани? Апсолутно. Но, партнерството што го имаме со Македонија е нешто што трае уште од независноста на земјава и тоа ќе продолжи. Вие сте НАТО-сојузник, а тоа не се менува, така што таа врска е силна и ви ветувам дека правиме сѐ што е во наша моќ, овде во Амбасадата на САД секој ден, да ѝ помогнеме на земјава да ги исполни своите европски аспирации – изјави амбасадорката на САД, Агелер.
Амбасадорката на САД категорично ги отфрла сценаријата за загрозеност на стратегиското партнерство, па и евентуални „безбедносни интервенции“ за негово зачувување. За издвојување е исто така ставот на Агелер во кој нагласува дека планот на опозицијата за евроинтегративниот пат на државата треба да биде споделен со македонските граѓани и да ги слушнат деталите на секој план што би ги решил тековните проблеми со другите земји.


Како нашите соговорници, политички аналитичари, професори, интелектуалци…, ги толкуваат гореспоменатите постојни наративи за „постизборните примарни задачи и зафати за идната влада“? И како гледаат на искажаниот став на американската амбасадорка Агелер?

 

Проф. д-р Солза Грчева

Проф. Солза Грчева: Ова е важна изјава на американската амбасадорка

– Со дипломатски речник, американската амбасадорка кажува дека меѓународниот фактор согледал дека спроведувањето на уставните измени под бугарски диктат е практично невозможна мисија. Отпорот на јавното мислење во Македонија за преговарачка рамка со ЕУ во која се имплементирани сите антиевропски услови и уцени, останува над 70 отсто. Таквата состојба треба да резултира со нова преговарачка рамка. Ова е важна изјава на американската амбасадорка, во која се препознава прифаќање на македонска реалност. Што се однесува на планот на опозицијата за евроинтегративниот пат на државата, пред избори никој не се отвора докрај за своите намери и планови. Но во повеќе изјави на претставници на опозицијата е искажано дека планот е ново преговарање на рамката. И сега тие преговори треба да бидат на релацијата Скопје – Брисел, а не Скопје – Софија. Ова што сега е на маса, во вид на „француски предлог“ со сите бугарски услови од нивните собраниски декларации, позиции и други официјални документи за негирање на македонското постоење, на принципот „земи или остави“, е неприфатливо за Македонија. Ние ја знаеме нашата цел, тоа е членство во ЕУ. До таа цел водат повеќе патишта, но патот со уцени е неприфатлив – вели универзитетската професорка Солза Грчева.
Професорката Грчева смета дека за репреговарање на нова преговарачка рамка се потребни најмалку една година и добро подготвени дипломати од македонска страна, кои не би потклекнале на притисок и уцени, туку би се придржувале исклучиво до стандардните европски критеруми. Таа смета дека не треба да брзаме со почеток на преговорите со ЕУ, зашто сите сигнали и пораки од Брисел и важните земји членки укажуваат дека проширување нема да има во брзо време.


Проф. Јован Донев: Се добива впечаток дека е олабавен притисокот за уставните измени

– Сигурно дека САД нема да бидат среќни од неспроведувањето на уставните измени во Македонија, проект во кој сериозно се вложија. Мислам дека за стратегиските интереси на САД, уставните измени во Македонија се тактичко прашање, а не суштинско. Тоа што сега се добива впечаток дека е олабавен притисокот за уставните измени, пред изборите кај нас, не значи дека нема да се навратат на тоа подоцна. Изјавата на амбасадорката на САД е повеќе приспособена на состојбите од македонскиот терен, каде што во големо мнозинство е изразен отпорот на јавноста за бараните уставни измени, како услов-уцена за почеток на преговорите со ЕУ. Во предизборен период во Македонија (и во ЕУ, па и во САД), не е соодветно дипломатски да се реагира со притисок врз јавноста за прашање што предизвикува негативна реакција. Во крајна линија, и американската администрација, од која е дел и амбасадорката, ќе мора да соработува со победниците од изборите во Македонија – вели професорот и амбасадор Јован Донев.


Проф. Наташа Котлар-Трајкова: И самите сме виновни за тоа,
зашто не воспоставивме однос што го почитуваат и преферираат големите играчи во меѓународните односи, дека секоја држава има право на своја суверена политика, како на внатрешен, така и на надворешен план

– Навистина САД се нашиот стратегиски партнер и поддржувач од независноста на Македонија, иако во тој партнерски однос се случија многу работи што не се на линијата на македонските национални интереси. За тоа во голема мера сме виновни и самите, зашто не воспоставивме однос што го почитуваат и преферираат големите играчи во меѓународните односи, дека секоја држава има право на своја суверена политика, како на внатрешен, така и на надворешен план. Олабавувањето на притисокот за уставните измени на меѓународниот фактор, што би можело да се прочита од изјавата на американската амбасадорка, е своевиден сигнал дека доколку во Македонија се појави политички субјект што инсистира на сувереност во одлуките од национален интерес, а притоа не ги загрозува партнерскиот однос и геостратегиските интереси на поширокото партнерство, тоа е прифатливо за САД. Историјата покажува дека активниот однос во партнерството во меѓународните односи, без оглед на големината и моќта на партнерите, повеќе се цени од беспоговорната послушност на помалиот партнер. Особено што сега имаме еден променлив геостратегиски момент, како на регионален, на европски, па и на глобален план, па и политиката на САД бара нов маневарски простор, кој нема да ги засега партнерските односи. Во тој нов контекст што се создава, Македонија мора да пронајде модус на комуникација со стратегискиот партнер што нема да ги загрози, туку ќе ги афирмира македонските национални интереси, а нема да ги загрози ниту геополитичките интереси на партнерот. Беспоговорно прифаќање политички решенија што ги загрозуваат македонските национални интереси никако не им оди во прилог ниту на геостратегиските интереси на САД – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.


Мелпомени Корнети, поранешна дипломатка и новинарка: Мнозинството од народот треба да го има последниот збор за ова прашање

– Меѓународниот фактор цело време знае дека понуденото решение со „францускиот предлог“ и уставните измени за почеток на преговори со ЕУ не е ниту праведно за Македонија, ниту според правилата и принципите на меѓународното право. Но се чини дека почнаа да сфаќаат и дека македонскиот народ овој пат не попушта на неправедниот однос што му се наметнува. Со таков притисок за прифаќање на нешто што народот го чувствува како неправда, тешко се одржуваат добри односи, па дури и со стратегискиот партнер. Би сакала да верувам дека меѓународниот фактор и стратегискиот партнер искрено и чесно сфатиле дека за прашања што се од национален интерес за Македонија, мнозинството од народот го има последниот збор – вели амбасадорката Мелпомени Корнети, која за очекувањето опозицијата да го претстави планот за евроинтегративниот пат на Македонија смета дека „зрели политички чинители мора да имаат алтернатива“.