Педесет и девет години од разорниот земјотрес
Денеска се одбележуваат 59 години од земјотресот, кој на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, катаклизмично го сруши Скопје.
Земјотресот е една од најкатастрофалните природни непогоди што му се случиле на главниот град, со измерени девет степени по Меркалиевата, а 6,1 степени според Рихтеровата сеизмичка скала. Траел 20 секунди, а поголемиот дел од градот бил целосно разрушен.
Според информациите, тој ден под урнатините животот го загубиле 1.070 граѓани, од кои 478 мажи, 430 жени и 162 деца. Овие информации не се официјални, бидејќи многумина биле закопани уште пред да се изврши официјалната идентификација на жртвите. Повредени биле 2.900 лица.
Потресот разурнал 15.800 стана, а оштетени биле 28 илјади.
Од овој ден, Скопје го носи и името Град на Солидарноста, бидејќи први на помош дошле војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а само неколку дена по разорувачкиот земјотрес, помош почнала да пристигнува од целиот свет. Според информациите, 87 држави од светот испратиле некаков вид помош и благодарение на нив, Скопје одново се гради.
Потресот бил почувствуван и во околните градови и населени места, на простор од околу 50 квадратни километри, по течението на реката Вардар. Од јачината, дури и во околните градови граѓаните се разбудиле, а во неколку соседни градови дури имало и материјални штети од помали размери.