Фото: „Нова Македонија“

Свештената бигорска Обител

Со огромна душевна болка и потресеност, од името на нашиот Старец, епископот антаниски г. Партениј, и на целата наша монашка заедница, упатуваме сочувство од крајните длабини на нашите срца до семејствата и ближните на трагично загинатите и повредените во катастрофалниот пожар во Кочани, што ја зави во темнина нашата Татковина, но и целиот свет. Оваа невидена трагедија кај нас, којашто одзеде десетици млади животи, смртно ја рани и онака измачената народна душа. Болката од овие загуби е неизмерна, а ние, како браќа и сестри во Христа, како граѓани на Македонија, неизбежно ја чувствуваме како своја, стои во објавата на Свештената бигорска Обител.
Со тешко воздивнување, се додава, се молиме за блажен покој на душите на постраданите, за нивно вбројување меѓу оние што вечно се радуваат во светлината на Божјата љубов и убавина.
– Нашите молитви се упатени и за повредените, за нивно брзо и целосно исцеление. Особено сострадуваме и во срцата ги носиме оние чиишто домови денеска осамнаа во црнина – родителите на настраданите, браќата, сестрите, роднините и пријателите, чиишто скрб и болка не можат да се опишат и да се ублажат со зборови. Господ Бог, Кој е единствената утеха за ранетото срце, да ја ублажи нивната грамадна жалост и да ја претвори во надеж за Воскресение и за вечен живот во Христа – се наведува понатаму.
Оваа трагедија, за жал, се нагласува, е „уште едно потсетување дека во нашето општество честопати владее недостиг од одговорност и совест“.
– Колку ли животи би можеле да бидат спасени ако постоеше грижа, ако секој ја преземеше својата одговорност со сериозноста што животот ја бара од нас? Повторно сме очевидци за тоа како неодговорноста, небрежноста и алчноста можат да доведат до ненадоместливи загуби. Како општество, мораме да застанеме и да се запрашаме: до кога животот на младите луѓе ќе биде заложник на неодговорноста и на несовесноста? До кога ќе гледаме како се повторуваат истите трагедии без одговорност и исправање? Затоа, денес, освен сострадание и молитва, упатуваме и повик – повик кон општеството, повик кон совеста, повик кон себеси. Доста е со површноста, доста е со пренебрегнувањето, доста е со замижаните очи и со премолчувањето на одговорноста. Човечкиот живот е светост, непроценлив дар од Бога, и секоја негова загуба поради несовесност и нечесност е и наша колективна вина – се посочува во објавата.
Во овие моменти на неизречива тага и горчина, како што се наведува во објавата, единствената надеж останува во Оној Кој е Патот, Вистината и Животот, Воскреснатиот и Воскресителот, Христос вистинскиот Бог наш и Спасител. Само преку Него можеме да најдеме утеха, само преку Него можеме да го преобразиме овој свет во место каде што човечката грижа и љубов ќе бидат над секоја немарност и себичност.
– Нека Господ им подари вечен покој и добар Рај на загинатите, брзо исцеление на повредените, утеха на семејствата, а на сите нас – разум, чесност, совесност, одговорност и љубов кон ближниот, за да не дозволиме ваквите трагедии да ни бидат секојдневие, наведуваат од Свештената бигорска Обител. П.Р.


Тетовскиот муфтија Несими во свое име и во името на оџите и џематот на Тетово

Најискрено сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените брзо закрепнување

Тетовскиот муфтија Ќани Несими сподели сочувство за трагедијата во Кочани. Во пораката објавена на социјалните мрежи се вели:
„Со болка и длабока тага ја примивме горчливата вест за ужасната трагедија што се случи синоќа во Кочани, каде што животот го загубија над десетици деца и млади луѓе, а многу други беа повредени! Во име на ИВЗ-Муфтиство Тетово, во име на оџите и џематот на Тетово и од мое лично име, изразуваме најискрено сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените брзо закрепнување“! ИВЗ-Муфтиство Тетово Муфтија: проф. д-р Ќани еф. Несими. П.Р.


Вартоломеј изрази сочувство и поддршка од светата голема Христова црква и до народот на Македонија, кој е погоден од трагедијата

СОЧУВСТВО ОД ВСЕЛЕНСКИОТ ПАТРИЈАРХ ВАРТОЛОМЕЈ

Молитва за упокојување на мртвите и за закрепнување на повредените

Порака со сочувство за трагедијата во Кочани испратил вселенскиот патријарх Вартоломеј до претседателката Гордана Силјановска-Давкова и до митрополитот брегалнички Иларион.
„Неговата Сесветост, вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, дознавајќи за трагичната несреќа што се случи во раните утрински часови во забавен центар во градот Кочани, С. Македонија, при што животот го загубија 59 лица, а повеќе од 100 беа повредени, испрати сочувствителни пораки до нејзината Екселенција, претседателката на државата, г-ѓа Гордана Силјановска-Давкова, како и до надлежниот архијереј, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот брегалнички г. Иларион.
Неговата Сесветост се моли Семилостивиот Бог да ги упокои душите на жртвите и да им даде сила на нивните семејства, како и за брзо закрепнување на повредените. Исто така, ги изразува својата длабока тага, сочувство и поддршка, како лично така и од страна на Светата Христова Велика Црква, до народот на Северна Македонија, кој е потресен од оваа трагедија“. П.Р.


Сочувство изрази и бугарскиот патријарх г.г. Даниил

Сочувство за настраданите изрази и бугарскиот патријарх г.г. Даниил. Тој остварил телефонски разговор со архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во кој поглаварот на Бугарската православна црква изразил најискрено сочувство по повод трагичниот настан во Кочани во кој загинаа над 50 лица, а над 150 се повредени.
– Православните христијани во Бугарија се молат со сето свое срце за упокојување на душите на починатите, за утеха на нивните најблиски и за брзо закрепнување на сите повредени. Болката и страдањето што во овој момент ги доживуваат нашите браќа и сестри од С. Македонија се во исто време и наша болка и наше страдање, истакнал бугарскиот патријарх – соопшти Бугарската патријаршија.
Архиепископот Стефан, се посочува, им се заблагодарил на православните христијани од Бугарската православна црква за нивното сочувство и молитви во овој трагичен момент за цела Македонија.
– Нека преку молитвите на нашиот небесен заштитник и посредник, Пресвета Богородица, Господ наш Исус Христос им подари благодатна сила, храброст, вера и надеж на нашите браќа и сестри Македонци во ова страшно искушение – стои во соопштението. П.Р.