Фото: „Нова Македонија“

Има ли лидерот на ДУИ двојни критериуми, односно му годи ли мешањето однадвор кога самиот добива поддршка (да ја уценува, да ја опструира или, пак, да ја рекомпонира Македонија и нејзините државни институции), а сега се жали на мешање однадвор кога му се загрозени позициите во власта? И – зошто албанските политичари во земјава не се оградат јавно и од Приштина, и од Тирана и не спроведуваат оригинерни политики од интерес за самата Македонија како своја матична држава, туку постојано работат на туѓи агенди што го загрозуваат унитарниот карактер на Македонија, презирајќи го владеењето на правото и загрозувајќи го суверенитетот на својата држава во сите појавни облици: територијален, економско-финансиски, културен, јазичен, безбедносен итн.? До кога албанското прашање во политичкиот кампус на Албанците во државава ќе се третира т.н. интегрално, односно за обединување на етничките албански малцинства во околните соседни земји со албанскиот народ во матичната држава – Албанија, а со тоа во пакет да одат и територии од соседните суверени држави и сето тоа да се толерира во меѓународната заедница?!

Различни толкувања на јавното реагирање на Али Ахмети дека косовскиот премиер Албин Курти флагрантно се меша во внатрешните работи на Македонија

Изјавата во јавноста на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во која тој препозна дека косовскиот премиер Албин Курти „се меша во претседателските избори во Македонија“, предизвика низа полемики:
Од тоа дека конечно некој од албанскиот кампус се осмелил да каже дека регионалните високи албански државни и политички претставници (како овој пат Курти), одвреме-навреме го пречекоруваат својот делокруг на овластувања и мандат и флагрантно се мешаат во внатрешните работи на Македонија, загрозувајќи ја земјава по повеќе основи: политички, безбедносен, билатерален, па и економски…
Други, пак, реакции се однесуваат на тоа дека всушност овој пат, Ахмети реагира првенствено за да се заштити себеси (и ДУИ) од атака на друг албански лидер однадвор, кој се обидува да се наметне како сеалбански и на тој начин да му ја загрози позицијата на Ахмети во Македонија како неприкосновен лидер, а и дел од власта.
Затоа Ахмети, со својата реакција, сега сака да ги активира лостовите на власта, прогласувајќи дека „Курти се меша во внатрешните работи на Македонија и државата поради тоа треба бескомпромисно да реагира“. На тој начин Ахмети ќе го искористи државниот репресивен инструментариум за да си ја заштити својата положба, пред сѐ!

Што уште изјави Али Ахмети за косовскиот премиер Курти, а и за албанскиот претседател Еди Рама

Ахмети, освен што обвини дека косовскиот премиер се меша во внатрешните работи на Македонија, беше дециден за тоа дека Курти зазел страна и излегол со поддршка на некои политички партии во Македонија.
Од друга страна, тој го пофали односот на премиерот на Албанија, Еди Рама, велејќи дека работел на обединување на албанските партии.
– Тој се меша во политичката сцена на Албанците. Еди Рама, на пример, не се меша во внатрешните работи на политичкото тело во Македонија. Вложи напори да ги зближи партиите во Македонија и јас сум му благодарен за таквиот пристап – рекол Ахмети на гостувањето во албанскиот медиум.
На прашањето дали би имал поинакво мислење доколку Курти би ја поддржал неговата партија, Ахмети рече дека „не побарал поддршка од Албанија и од Косово“.

Африм Гаши му возврати на Ахмети: Хашим Тачи доаѓаше во предизборна кампања да доделува пофалници за придонес во УЧК, и тоа само на членови на ДУИ!

На критиките на Ахмети за мешање на косовскиот премиер во македонската политичка сцена реагираше еден од лидерите на албанската опозиција, Африм Гаши, квалификувајќи го таквиот став како „страв од пораз“.
– Еди Рама секој ден организира настани и медиумски простор за Али Ахмети, го прогласуваат за личност на годината и му даваат секакви епитети, така што Еди Рама е доста вклучен и му помага колку што може и ќе продолжи да го прави истото тоа. Исто така, веќе 20 години, Али Ахмети добива безрезервна поддршка и од Косово и од Албанија. Да се потсетиме само кога Хашим Тачи (поранешен водач на УЧК, поранешен премиер и претседател на Косово, сега притвореник во Хаг поради основано сомнение дека извршил воени злосторства н.з.) доаѓаше насред предизборна кампања да доделува пофалници за придонес во УЧК, и тоа „случајно“ само на членови на ДУИ.
Значи кога Косово и Албанија му помагаа на Ахмети да победува беше во ред да се мешаат, а сега кога за првпат од Косово престана помошта за ДУИ, сега Ахмети е вознемирен зашто останал само со поддршка од Еди Рама. Јасна е само една работа, Али Ахмети е многу исплашен од пораз и од одење во опозиција, ама, како што вели народот, за стравот лек нема – изјави Африм Гаши за јавноста, поттикнат од забелешките на Али Ахмети дека Албин Курти се меша во внатрешните работи во Македонија.

Македонија во пресметките на албанските политички лидери во регионов не е
третирана како суверена држава, туку како територија за поделби

Предизборното обвинување меѓу албанските лидери од Македонија предизвика гласно да се постават прашања во врска со нивниот принципиелен однос (и лојалност) спрема државата во која секако и партиципираат во власта или, пак, „настојуваат да ја освојат прекројувајќи ја по трек различен од постојниот?“
Некои од прашањата што произлегуваат се: има ли Ахмети двојни критериуми, односно му годи ли мешањето однадвор кога самиот добива поддршка (да ја уценува, да ја опструира или, пак, да ги рекомпонира Македонија и нејзините државни институции), а сега се жали на мешање однадвор кога му се загрозени позициите во власта? И – зошто албанските политичари во земјава не се оградат јавно и од Приштина, и од Тирана и не спроведуваат политики од интерес за самата Македонија како своја матична држава, туку постојано работат на туѓи агенди што го загрозуваат унитарниот карактер на Македонија, презирајќи ги владеењето на правото и суверенитетот на својата држава во сите појавни облици: територијален, економско-финансиски, културен, јазичен, безбедносен итн? До кога тие ќе го третираат албанското прашање како интегрално за обединување на етничките албански малцинства во околните соседни земји со албанскиот народ во матичната држава – Албанија, а со тоа во пакет да одат и територии од соседните суверени држави и сето тоа да се толерира во меѓународната заедница?!
– Албанците, кога се работи за нивното национално прашање, се апсолутно единствени. Но кога се работи за меѓусебните политички пресметки, се гледаат преку нишан. Во конкретниот случај, пред сѐ, се работи за личните амбиции на Курти. Тој настојува да биде лидер на сите Албанци и затоа е во судир и со Еди Рама. Се обиде да навлезе политички и во Албанија, и на изборите доживеа пораз. Не доби мандат! Сега се обидува да навлезе и во Македонија и отворено навива за албанската опозиција против ДУИ. Најверојатно и тука нема да успее, меѓутоа, очигледно може да направи проблеми во земјата. Кај нас, на претстојните избори, жесток ќе биде судирот меѓу албанската позиција и опозиција. Опозициската коалиција ќе направи сѐ за да го сруши ДУИ и затоа смета дека косовското Самоопределување може да ѝ биде од корист. Но во целина, сеалбанското обединување е опасно и за Македонија и за Балканот – анализира македонскиот дипломат Ристо Никовски.


Како лидерите на партиите во албанскиот кампус во нашата држава ја демонстрираат својата лојалност кон Македонија

Никовски: Албанските политичари во земјава, барем огромен дел од нив, никогаш не ѝ биле лојални на Македонија!

Кога станува збор за капацитетот на албанскиот политички фактор во земјава да покаже лојалност спрема македонската држава, амбасадорот Никовски смета дека такво нешто не било манифестирано од политичарите Албанци во Македонија.
– Околу лојалноста… Албанските политичари во земјава, барем огромен дел од нив, никогаш не ѝ биле лојални на Македонија. И воопшто не го кријат тоа. Дури е и срамно што Македонците се прават дека не го забележуваат тоа – мошне е отворен и пластичен во својата изјава поранешниот амбасадор Ристо Никовски.