Фото: Дејан Јовески

Асиметричноста на договорите со Бугарија и Грција излегува на виделина. Уште еден флагрантен граѓански пример за тоа: државата ги доведе сопствените граѓани во подредена улога така што за да го прекине нивното малтретирање пред шалтерите на македонското МНР, Грција треба да даде одобрение!? Ако сега е ваква ситуацијата со личните документи, ништо помалку веројатно не е во иднина од Бугарија да се бара одобрение и за печатење на новите учебници, за прославата на државните празници и за уште многу други работи, кои беа еднострано преземени од македонска страна при брзоплетото потпишување на двата асиметрични договора. Повторно, цената на ваквата авантура на државниот врв ја плаќаат граѓаните, но цена плаќа и Македонија како држава, ставајќи го сопствениот суверенитет под туѓа надлежност

Расчистувањето на метежот пред шалтерите за лични документи зависи од добрата волја на Грција

Сите предупредувања на македонската јавност дека Македонија потпишува асиметрични договори и со Бугарија и со Грција се покажаа како крајно оправдани и разумни, наспроти еуфоријата што ја покажуваше власта фалејќи се дека ги затвора сите отворените прашања со соседите, а во име на забрзување на евроинтегративниот процес.
Се покажа дека најпрво Договорот за пријателство и соработка потпишан во 2017 година со Бугарија, а една година подоцна и Преспанската спогодба со Грција, ниту ги забрзаа евроинтеграциите, уште помалку донесоа благосостојба за македонските граѓани, туку напротив, со овие два договора беа наметнати обврски исклучиво кон Македонија, со што државата веќе е ставена во подредена улога во однос на две соседни земји.
Најдобрата потврда дека е така е бугарската блокада на почетокот на пристапните преговори на земјава и вметнувањето на сите бугарски барања во преговарачката рамка, но уште повеќе подреденоста дојде до израз по последните случувања со замената на личните документи на македонските граѓани, кои во невозможен рок до февруари треба да ги променат сите документи, во согласност со новото име на земјата и преземените обврски со Преспанската спогодба. Турканиците, нервозата, дополнителните трошоци се сликата што деновиве е присутна во јавноста, а дел од домашните политичари од власта сакаат да ја поправат лошата слика така што почнаа да повикуваат да се пролонгира рокот за замена на документите, но само доколку Грција даде зелено светло за тоа.
Претседателот Стево Пендаровски неодамна јавно ѝ предложи на Владата да биде пролонгиран рокот за вадење на документите до септември или октомври, за што предлага Грција да биде навремено известена дека „немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“.
– Ова им го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада, со брза интервенција во два закони, Закон за лична карта и Закон за патни исправи, и ако е потребно и Законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне, знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември – октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор – рече претседателот Пендаровски во гостување на телевизијата Сител.

Најпрво мора да се праша Грција…

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, се согласува дека би било добро да се пролонгира рокот, но дека за такво нешто најпрво мора да се праша Грција и ако таа одобри, тогаш да се пристапи кон законската измена.
– Оваа обврска е наведена во закон, така што не можете да кажете дека Владата нешто направила, бидејќи сепак се работи за законски решенија, за уставни измени што се правени во Собранието. Па и еве претседателот Пендаровски што има предлог, да видиме дали можат да бидат направени тие законски измени. Бидејќи да направите законски без согласност на сите што се потпишани, а се работи за меѓународни документи, не би било така едноставно и прашање колку би било применливо. Е сега, сепак ќе пробаме сè – изјави Ковачевски, притоа повикувајќи го македонскиот претседател да поразговара за овој проблем со својата грчка колешка.
Од изјавите на највисоките државни функционери може да се извлече само еден заклучок, дека државата се довела себеси и сопствените граѓани во подредена улога така што за да прекине нивното малтретирање пред шалтерите на македонското МНР, Грција треба да даде одобрение. Ако сега е ваква ситуацијата со личните документи, ништо помалку веројатно не е во иднина од Бугарија да се бара одобрение и за печатење на новите учебници, за прославата на државните празници и за уште многу други работи, кои беа еднострано преземени од македонска страна при брзоплетото потпишување на двата асиметрични договора. Повторно, цената на ваквата хазардна авантура на државниот врв од пред неколку години, сега ја плаќаат граѓаните, но цена плаќа и Македонија како држава, ставајќи го сопствениот суверенитет под туѓа надлежност.

Каде е добрата волја или добрата верба?

На последиците од незрелите политики подолго време предупредуваше професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, според кого, Македонија не мора да ги почитува одредбите од Преспанската спогодба бидејќи таа не е склучена врз принципот на „добра верба“.
– Во меѓународното право сите договори мора да бидат склучени и според принципот бона фиде (во добра вера), во спротивното се раскинливи или рушливи. Прво, што се однесува на „аргументот“ дека нешто што е потпишано мора да се почитува, тоа претставува генерален принцип и важи само кога немаме кршење на основните правни норми бидејќи од неправото не произлегува правото (ex injuria, jus non oritur). Да не должам, потпишан договор и во меѓународно и во домашно право не важи ако има недозволен предмет за склучување, односно предмет спротивен на императивна норма или јавниот морал – е ставот на професорот Јанев.
Според него, единствен начин Македонија да не се најде во подредена улога кон своите соседи е да се раскинат договорите со Грција и со Бугарија.
– Потпишан договор и во меѓународно и во домашно право не важи ако има недозволен предмет за склучување, односно предмет спротивен на императивна норма или јавен морал, понатаму ако договорот е неприменлив, па понатаму следуваат и други причини за раскинување, како што се измама, изнуда, притисок или уцена, заблуда, и сите oвие претставуваат основа за раскинување, поништување и укинување договори, без разлика дали се домашни или меѓународни акти во прашање. Но кога станува збор за Преспанската спогодба, важен принцип за поништување или раскинување е и бона фиде. Ако договoрот не е направен во добра вера, може да се раскине или поништи. Ова лесно се докажува и со бугарската спогодба и со Преспанскиот договор, бидејќи и двата третираат ништење на националниот идентитет или неговата модификација, односно насилно интерферирање – појаснува професорот Јанев.

Боцевски: Македонскиот суверенитет е нарушен

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека Македонија не треба да трча во исполнувањето на роковите од Преспанската спогодба бидејќи тие се поврзани со отворањето на преговарачките поглавја, а земјава не преговара со ЕУ.
– Колку што мене ме држи сеќавањето, сите рокови беа поврзани со отворање поглавја во преговорите на Македонија со ЕУ. Кои поглавја досега се отворени? Покрај тоа јас не сум слушнал за друг пример на суверена држава во светот што прашува свој сосед да дозволи поинаква форма на личните документи за сопствените граѓани. Преспанскиот договор е тешка лузна на лицето на Македонија – истакнува Боцевски.
За него нема никаква дилема дека македонскиот суверенитет е нарушен со самото тоа што мора да бараме одобрение од Грција за одредени законски измени тука.
– Нормално дека е нарушен македонскиот суверенитет. Себеименувањето е суверено право на секоја нација, освен на македонската. Додека е „Северна…“, Македонија не е ни слободна, ни суверена, ни демократска – посочи Боцевски.