Фото: Игор Бансколиев

Нова процена на вредноста на недвижниот имот на територијата на Општина Прилеп

Во Прилеп во полн ек е репроцена на имотот што, според новиот закон донесен во 2021 година, ќе треба да се врши на секои четири години. Надлежните велат дека потребата од репроцена на данокот на имот се јавува како последица од потребата на ажурирање на базата на податоци на Општина Прилеп и од новите законски измени од Законот за даноци на имот, како и од движењето на цените на недвижностите во моментот на територијата на Општина Прилеп.
– Ако се земе предвид дека последната масовна репроцена е направена во периодот од 2009 до 2011 година, во изминатиот период од 2011 година до денес репроцени во согласност со методологијата за процена на недвижен имот и Законот за данок на имот се прави само на предметите каде што се врши пренос на сопственост на имотот и едни даночни обврзници се ставаат во поповолна позиција од други. Општата цел на репроцената на недвижен имот на територијата на Општина Прилеп произлегува од нејзините законски надлежности, обврската за почитување на законската регулатива, како и од обврските на даночното одделение, од долгорочните потреби на општината, потребата од обезбедување развој на општината од сите аспекти на финансиска стабилност, ажурирање на базата на податоци, опфаќање на сите даночни обврзници со што ќе се обезбеди и уставната категорија за рамноправност на сите граѓани и најбитното од сѐ – почитувањето на законската регулатива. Со новата масовна репроцена ќе се постигнат зголемување на финансиската моќ и подобрување на финансиската стабилност на општината, што директно ќе влијае на подобрување на квалитетот на живеењето – вели Горан Стојаноски од Одделението за администрирање на даноци.
Репроцената ќе се врши на целата територија на општината. Прилеп е поделен на шест зони и ќе бидат опфатени сите сопственици на недвижен имот на правни и физички лица. Репроцената се одвива во фази, по реони и теренски, и тоа: репроцена на колективно домување – станови, индивидуално домување – куќи по населби, деловни објекти и градежно и земјоделско земјиште што подлежи на оданочување.
Во процесот на репроцена, додава Стојаноски, се ангажирани вработените во Одделението за администрирање на приходи, а како алатка за работа се користи базата со која располага даночното одделение, податоци од базата на секторот урбанизам, а тоа подразбира предмети за легализација и податоци од предмети за утврдување точна адреса, податоци од Агенцијата на катастарот на недвижности, податоци од ЈКП „Водовод“, „Комуналец“, Централен регистар и ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор.

Од репроцената на недвижниот имот, која треба да заврши до крајот на годината, значително ќе се зголеми даночната основица за данокот на имот, што од друга страна, пак, ќе влијае на финансиската стабилност на општината, а со самото тоа и на подобрување на квалитетот на живеењето. Со ажурирањето на базата на податоци ќе се откријат и сите даночни обврзници што досега не се задолжени со данок на имот, а со промената на адресни податоци ќе се олесни и доставата на решенијата, од што во голема мера ни зависи и наплатата на данокот на имот.
Со репроцената на имотот се очекува облогот за данок на имот на правни и физички лица да се зголеми за минимум 40.000.000 денари, а до овој момент на некаде 25 отсто сработени податоци облогот е зголемен за 12.000.000 денари.
Според Дејан Проданоски, претседател на Советот на Општина Прилеп, со репроцената ќе се зголеми приходот на општината и со тоа ќе може да се креира солиден буџет за реализација на капитални инвестиции во Прилеп.
– Основниот буџет со репроцената на имотот ќе се зголеми, што ќе значи поширок буџет и реализација на приоритетни проекти во интерес на граѓаните – вели Проданоски.
Инаку, последната репроцена била извршена во 2009 година и, според надлежните од локалната самоуправа, дел од граѓаните биле ставени во нерамноправна положба, зашто имало случаи за ист стан во иста зграда едни да плаќаат пониска сума за данок на имот, а други повисока. Ка.М.