Фото: МИА / Архива

Во Собранието попладнево продолжи расправата за извештајот на Европската комисија за земјава за 2021 година, во рамките на 57 седница.

За опозициските пратеници извештајот е реален приказ за „лошата состојба во сите области во земјава“ и „оценките се полоши отколку во претходните извештаи“. Пратениците од мнозинството, пак, посочија дека во него се нотира оти „во сите поглавја или кластери има одреден напредок“ и дека „состојбите се многу подобри отколку за време на владеењето на сегашната опозиција“.

Пратеникот Златко Пенков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во извештајот е нотирано дека државата покажува добро ниво на подготвеност во пет области, умерено во 25 и рана фаза на подготвеност во две области и тоа слобода и движење на работниците и буџетски и финансиски одредби.

– Апликацијата за членство во Европската Унија е поднесена на 22 март 2004 година. Каде сме ние од тој датум до сега, на сите ни е јасно. Дадени се препораки за поголем фокус врз административниот капацитет и ефикасно спроведување на законодавството. Во однос на првиот столб, каде што се демократијата, Собранието и граѓанското општество, нотиран е одреден напредок и дека опозициските партии останаа активно вклучени во работата на Собранието, рече Пенков.

Тој посочи дека во извештајот е нотирано оти државата нема резултати во борбата против организираниот криминал. Пенков констатира дека од 2004 година до денес, државата не направила доволно за да стане членка на ЕУ.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска нагласи дека во Извештајот, како и секоја година, во некои области е нотиран помал напредок во некои поголем, но, како што рече, главниот проблем за недобивање на датум за почеток на преговорите е нерешениот спор со Бугарија, која го попречува евроинтегрирањето на нашата држава.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина 57 седница, а нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот.