Одредени делови од протоколот задираат во македонската научна автономија, со што се доведува во прашање творењето на македонската историска наука, дури и нејзиното постоење. Нарушувањето на научната автономија може да го доведе во прашање и високото образование, како и создавањето на македонските научни истражувачи и мислители
Протоколот задира во македонската
научна автономија
„Говорот на омраза“ како што е формулиран во протоколот може да доведе до цензура во научните трудови, како и до автоцензура во користењето на историските документи и извори. Ова особено се однесува за современата македонска историска мисла. Повеќемина познавачи посочуваат дека формулацијата за говорот на омраза што се сретнува во Договорот за пријателство, како и во протоколот, е премногу нејасна.
Елиминирање на македонската автономна образовна и научна мисла
За оваа проблематика, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова вели дека ова го разбира како елиминирање на научната автономија. Во секоја држава, па и во македонската постои образовна и научна автономија. Ако некој по пат на вакви протоколи посегнува по оваа суштина, тогаш ние имаме проблем со она што се вели ќе создаваме наука. Како ќе создаваме наука? Како ќе создаваме високо образование? Како ќе создаваме културни работници? Ова што ви го спомнав – образование, наука, култура, фактички говори за идентитетот на еден народ, во моментов македонскиот народ – вели Котлар.
Според експертите со кои се консултиравме, говорот на омраза како што е формулиран во протоколот може да доведе до цензура во научните трудови, како и до автоцензура во користењето на историските документи и извори.
Кој ќе се осмели да го ревидира партизанскиот весник од 1942 година?!
Во овој контекст може да се посочат и пишувањата на илегалниот весник „Весник“ на скопската партизанска организација од 1942 година. Во ова гласило на македонските борци за сопствена држава, на многу јасен начин се истакнува воопшто македонската кауза, како и целите на македонското антифашистичко движење. Во статијата со наслов „Ни еден грам на волна на германските и бугарските фашисти“, од мај 1942 година се вели: „Овија денови по наредба от Германија, бугарските окупатори после скорешното насилно збирање на бакаро, токмат збирање на волнени отпадци. Како верен слуга на својо господар бугарското правителство брза да ги исполни захтевите на Хитлер… Како што се стори со бакаро, така ке биди и со волнените отпадоци. Македонскиот народ нема да му дава на Хитлера никаква помош… Покажите своја македонска свест и не дајте ниту едно единчо парче волна… Што помалку волна што помалку бакар и други материјали за Германија толку побргу ќе биди победен Хитлер, толку побргу ќе се заврши ратот, толку побргу и мије Македонците ќе си ја оствариме слободата!“
Во овој историски документ може да се сретнат зборовите бугарските окупатори, слуга на својот господар, македонски народ, македонска свест и Македонците. Некои од експертите велат дека македонската историската наука може да биде обвинета дека поттикнува говор на омраза преку користењето историски извори и документи, како што е пишувањето на илегалниот „Весник“.
Вапцаров: Доколку сакаме да твориме на македонска почва, тогаш мора да ги имаме предвид македонските интереси, македонската кауза
Затоа Наташа Котлар-Трајкова вели дека содржината на протоколот е многу лоша и воопшто не е македонска. Според неа, не случајно Вапцаров велеше дека доколку сакаме да твориме на македонска почва, тогаш мора да ги имаме предвид македонските интереси, македонската кауза. Односно развој и заштита на македонскиот јазик, развој и заштита на македонската историја и нејзино проучување.
Протоколот ги брише Македонците како народ и „тие се осудени на егзекуција“. Македонците нема да можат да творат ниту да ги презентираат своите видувања за историјата, видувањата врз основа на историските докази и сведоштва. Доколку создадат нешто, веднаш ќе ги осудат врз основа на содржината на протоколот, можеби за говор на омраза, бидејќи македонската сушност е прогласена за говор на омраза. Некој друг ќе ја оценува и толкува македонската историјата. Во ниеден момент, Македонците нема да можат да ги искажат своите видувања врз основа на истражувањата, вели Наташа Котлар-Трајкова Д. Ст.