Ретрореферендумски потсетувања: Историски настани од поновата историја и последиците што потоа следуваа

Пред 18 години, на 22.7.2004 г., беше донесен новиот Закон за територијална поделба на Република Македонија. Референдумот од 2004 година беше распишан заради изјаснување на граѓаните во врска со гореспоменатиот закон. Референдумот беше одржан на 7 ноември 2004 година.
Во согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за референдум од 1998, по иницијатива на Светскиот македонски конгрес за собирање на потписите и по собрани потписи на 180.454 граѓани со право на глас, тогашното Собрание на Република Македонија на 3 септември 2004 година го распиша задолжителниот референдум за „територијалната организација на Република Македонија“.
На референдумот мнозинството граѓани беа против новата територијална поделба! Но во согласност со законот, референдумот не беше успешен поради тоа што одзивот беше 26,58 отсто, односно не бил постигнат законски потребниот процент од 51 отсто одзив на вкупниот број избирачи.

Етнодемографските, политичките и економските импликации од тогаш усвоената територијална организација

Усвоената територијална организација на Македонија предизвика голем број контроверзии и поделби во македонската јавност. Од денешна временска дистанца се покажа дека новоусвоената територијална организација предизвика длабоки етнодемографските импликации, политички и економски негативен импакт и уште посилен удар на македонскиот народ како носител на државноста. Денес, токму 18 години подоцна, се покажува дека новоусвоената територијална поделба на Македонија, навистина направи уште подлабоки поделби, не земајќи ги предвид економските, географските, инфраструктурните и другите критериуми и можности за развој на нашата држава. А токму овие споменати критериуми беа потиснати од страна на (единствените тогаш) етнички критериуми, поточно од „пазарењата и политичките договори помеѓу политичките коалициски партнери“. Политичките партии ги зедоа предвид промените на единиците на локална самоуправа само од етнички аспект (што беше само важно заради Охридскиот рамковен договор и додворување кон меѓународната заедница). За жал, и меѓународната заедница, како и многупати до денес, и тогаш ја притисна Владата, без да води сметка за македонските национални интереси, туку само за нивните „европски интереси“. И тогаш и денес, преочигледно е дека токму Европа се покажува дека не води сметка за долгорочните импликации за македонската држава и народ. И тогаш, а и во повеќе следни наврати и денес, Унијата ги сместува Владата и претставниците на владејачката коалиција на една страна, а на другата страна ги става мислењата и ставовите на мнозинството народ во Македонија. Сега, осумнаесет години подоцна, многу разумни и одговорни луѓе се прашуваат зошто дојде до оваа измена исклучиво на штета на македонскиот народ и неговото нормално егзистирање во својата сопствена држава, дали мораше повторно и повторно да се попушти и дали имаше неиздржлив притисок од меѓународните институции и поединци однадвор…

Отпорот на стружани 18 години веќе стои во македонската историја

Револтот од тогаш новата територијална поделба силно избликна, посебно во општината Струга. Тогашниот министер за одбрана Бучковски беше спасен од физички напади и извлечен од силни полициски единици. Против насобраниот револтиран македонски народ, не само од Струга и Струшко, беа употребени и солзавец, шок-бомби и гумени куршуми. Лидерите на протестите беа лишени од слобода, а медиумите ги идентификуваа дека протестирале рамо до рамо и припадници и членови и на тогаш владејачката СДСМ, а и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие се денес угледни стружани и приватни бизнисмени во осигурителниот, градежниот бизнис и во енергетиката, а сѐ уште се разочарани на постојната територијална поделба. Во разговор со нив, тие потсетуваат на настаните на вчерашен и на денешен ден пред 18 години, и прават исклучително интересна паралела со настаните денес, посебно со несносливиот притисок и непринципиелност на претставниците на ЕУ.
– Пред 18 години, на 22.7.2004 година, кога во нашата земја беше донесен новиот Закон за територијална поделба на Република Македонија со кој дефинитивно беше нанесена голема штета на развојот на едно убаво замислено модерно мултиетничко и граѓанско општество. Не мултиетничка држава туку национална држава на македонскиот народ и едно мултиетничко, мултикултурно општество, нагласуваат тие. Веројатно под големи притисоци однадвор, тогашната власт предводена од СДСМ прифати измена на постојните општински граници директно на штета на Mакедонците. На пример, на градот Скопје на вештачки начин му се додадоа руралните општините Сарај и Кондово, со што бројот на Албанците се зголеми од 15 отсто на над 20 отсто, со што на мала врата во главниот град на државата се воведе двојазичност. Истовремено, беше договорена измена на картата на општината Кичево, при што со инженерингот се направи доминантно албанското население. Понатаму, на општината Гостивар ѝ се додадоа општините Вруток, Долна Бањица, Чегране и Србиново, со што процентуалниот износ на македонското население во општината падна од 26 отсто на 19 отсто, во општината Тетово со додавањето на општините Џепчиште и Шипковица од 28 отсто, Македонците станаа 23 отсто, во општината Чашка, Албанците го зголемија својот процент од 7 отсто на 33 отсто, а слична промена се случи и во општината Долнени. Сепак, соговорниците од оваа временска дистанца издвојуваат дека најголемите и најпроблематични измени се направија во општината Струга, на која ѝ се додадоа општините Велешта, Делогожди, Лабуништа и Луково и со тие измени бројот на Македонците падна од 47 отсто на 32 отсто, а бројот на Албанците се зголеми од 41 отсто на 56 отсто. Но, ете, тие бурни настани поминаа и поголемиот дел од граѓаните на Струга, Скопје, Тетово, Гостивар и другите засегнати општини се помирија со тоа дека во тој момент не може ништо повеќе да се направи… Но веројатно, нагласуваат соговорниците, доаѓа време кога треба да ѝ се покаже на Европа дека повторно се обединува нацијата и дека нема да дозволи понатаму да се дезинтегрира и национално да се деноминира.

Истата игра на Европската Унија тогаш и денес, и пак – едно големо ништо за Македонија

Европската Унија не можеше директно да го критикува основното демократско право за одржување референдум. Но и тогаш пред 18 години, а и сега, притиска да се размисли за поврзаноста на имплементацијата на договорот (тогаш рамковниот, а сега францускиот пакет) со пристапувањето на Македонија кон ЕУ, и релациите со тогаш одржаниот (а сега во процедура за подготовка) – референдум! Веројатно постои некаква дилема по прашањето за референдум од страна на ЕУ. Пред 18 години, можноста за успешен референдум, од страна на емисарите на ЕУ беше пренесена како „чекор назад во спроведувањето на рамковниот договор и, соодветно, чекор подалеку од европската интеграција?!“ Оттаму, додека Македонците го имаа изборот да излезат и да гласаат на референдумот, според претставниците на ЕУ, дилемата пред граѓаните беше интеграција или изолација, а при второво сценарио Македонија би се свела на изолирана „црна дупка“. Звучи познато? Со поддршката од ЕУ и „понудениот“ избор помеѓу минатото и сегашноста, интеграцијата и изолацијата, се промовираше ставот дека нема потреба од референдум како највисок демократски институт, туку доволно е од страна на државните институции! Звучи познато? И за крај, вреди да се издвои уште еден потег на меѓународната заедница, со кој таа божем им излезе во пресрет на Македонија и Македонците, и како што велат соговорниците од Струга, таа „фрли рипче за да фати крапче“ и „водата повторно си ја насочи на својата воденица“. Имено, и многу политички аналитичари се согласуваат од оваа временска дистанца дека најголемото влијание на однесувањето на гласачите на референдумот беше одлуката на Владата на САД да ја признае Македонија под нејзиното уставно име непосредно пред самиот референдум. И тогаш, исто така, меѓународната заедница беше директно одговорна за драстичниот пад на ентузијазмот кај Македонците да гласаат на референдумот. ЕУ и САД ја фалеа „мудроста“ на македонските граѓани што се воздржале од
учество во референдумот и ја вратиле Македонија на патот кон евроатлантската интеграција и стабилизација?! По третпат истото прашање: Ви звучат познати референдумските западни зачини? Н.М.