Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Клучното прашање што по десетина дена владеење на преодната влада се наметнува кај јавноста е дали таа излегува надвор од законските рамки предвидени со Пржинскиот договор, оти според сегашното однесување, „сериско произведување“ и дистрибуирање предлог-закони до Собранието, општиот впечаток е дека таа се однесува како политичка влада што со полн капацитет си ја тера политичката агенда на претходниот владин кабинет, чиј мандат заврши…

Наместо за организација на претстојните избори, преодната влада масовно штанца предлог-закони до Собранието

Третата преодна влада започна со својата работа, но првите впечатоци што ги добива јавноста се дека оваа влада наместо да подготвува терен за претстојните претседателски и парламентарни избори, само ја продолжи работата на претходната политичка влада.
Имено, од она што досега беше испорачано од владините седници, беа преработениот текст од предлогот за закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, со која американската и британската црна листа се одомаќинуваат во домашната легислатива, но се зафати и со кадровски смени во повеќе државни институции и агенции. Во Собранието се најде и владиниот закон за игри на среќа, а во комисиите се закажани расправи за административни службеници, за вработени во јавен сектор, за национални агенции, за академии за судии, за Законот за трговски друштва, НБРМ, МАНУ, нотаријат, шуми.
Ќе се одлучува и за нов јавен обвинител, нов уставен судија, за предлог на закон за изменување на Законот за судска служба, по скратена постапка, за предлог на закон за изменување на Законот за јавнообвинителска служба, исто по скратена постапка, како и за предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за академија за судии и јавни обвинители, за стратегиски проекти од областа на енергетскиот сектор, закони за превоз, за урбанистичко уредување, за здравствена заштита и многу други закони што ги предлага Владата.

Од строго ограничени ингеренции, кон лабаво-неограничен делокруг на работа!?

Имајќи предвид дека се работи за исклучително важни закони што треба да бидат подготвени и одобрени од Владата со политички мандат, нејасно е во какво својство оваа преодна влада ги препраќа ваквите предлог закони до Собранието кога единствена нејзина задача е да го подготвува теренот за фер и демократски избори.
По дефиниција, техничката влада обично се воспоставува за извршување одредена (една) обврска, за прецизно дефиниран временски период, со строго ограничени ингеренции за носење одлуки. Па така, т.н. пржинска влада има ограничен мандат од сто дена, како влада за спроведување избори.
Клучното прашање што по десетина дена владеење на преодната влада се наметнува кај јавноста е дали таа излегува надвор од законските рамки предвидени со Пржинскиот договор, оти според сегашното однесување и дистрибуирање предлог-закони до Собранието, општиот впечаток е дека таа се однесува како политичка влада што со полн капацитет си ја тера политичката агенда на претходниот владин кабинет.
Познавачите на состојбите се категорични дека преодната влада има јасен мандат и не смее да излегува надвор од ингеренциите утврдени со Договорот од Пржино.
– Ако Владата доставува еден куп закони по скратена постапка во Собранието, кои не се поврзани со изборите, тогаш дефинитивно не требаше да се прави целиот овој театар со преодната влада. Сите знаеја дека ваквата влада ќе биде нефункционална, но очигледно постоеше коалициски пазар за премиер Албанец и бидејќи немаше како поинаку да се направи тоа, се направи со техничката влада. Впрочем и техничкиот премиер кажа дека освен изборите, приоритет ќе му биде и спроведувањето на програмата на претходната влада, па сега тоа го гледаме на дело. Уште пострашно е што до Собранието се доставуваат закони од чие усвојување некој ќе се офајди дебело, се влијае и врз одредени сегменти во општеството, а тоа не креира фер предизборна атмосфера – велат познавачите.

Произволно толкување на законите, како и зафати надвор од духот на Пржинскиот договор

Според нив, поголем дел од законите што техничката влада сега ги испраќа во Собранието претходно не се најдоа на дневен ред на владините седници.
– Зошто баш сега? Претходната влада можеше да ги испрати сите закони навреме, но се чекаше, па сега техничката влада го прави тоа. Тоа сметам дека не е во духот на Пржинскиот договор, а гледајќи што сѐ поминува во овој период, особено кога станува збор за некои инвестиции во енергетиката, не може да се исклучи и сомнежот дека зад сета оваа владина техникалија се кријат и некакви лукративни причини. Преодната влада е со краток период, сите брзо забораваат на неа, така што некој игра на таа карта дека брзо ќе се заборават и одлуките што се протнале во овој „преоден“ период до следната политичка влада – посочуваат соговорниците.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски се согласува дека немаше никаква потреба од преодна влада бидејќи ниту во минатото не се покажа ефикасна.
– И претходно кажав, техничката влада е бурлеска и воопшто не треба да постои. Во Македонија сѐ останува исто, тонеме во корупција и криминал, ама демек сме на ЕУ-пат. Си играме држава, а нашите политичари се исфрустрирани и неизживеани лица, гладни само за власт – констатира Пекевски.
Тој отрезнувачки и очигледно со висока доза гневност, во разговорот констатира дека „во Македонија кога некој е на власт слободно си ги толкува законите, па оттаму државата се најде на ова дереџе на кое што е“.
– Политичарите се убедени дека сѐ се може кога си на власт и се може да помине, си ги толкуваат законите како што им одговара, па затоа и пропаѓаме во секоја смисла – заклучува Пекевски.