Кучињата се мили, ама децата се помили

Кучето му е најдобар пријател на човекот. Прашање е дали човекот му е пријател на кучето

Една светска статистичка студија откри дека градот Хјустон, Тексас, Америка, е град рај за љубителите на кучиња. Таму има најголем број домашни кучиња во светот. Речиси секој втор жител има куче, па било невозможно да се прошета низ градот, а да не се сретнат кучиња на улиците. Кога станува збор за градовите со најголема густина на кучиња на квадратен километар, Париз е на врвот на оваа листа. Кој бил во Хјустон или во Париз сигурно и лично се уверил во тие статистики.
Скопје не е, а ниту некогаш ќе биде слично на Хјустон, Париз или на другите светски градови. Но не е град без кучиња, домашни миленици, иако понекогаш се вели дека Скопје е „село без кучиња“, фраза со која се сака да се означи и инфраструктурната, комуналната, финансиската и политичка неорганизираност.
Не сум кучељубец, не сум ниту кучемразец. Да се чува куче милениче можеби е човечка љубов, желба, можеби е мода. Понекогаш е потреба да се има блиско животно ако се нема близок човек до себе. Често е „оставина“ од децата од времето кога биле мали, преземена обврска од возрасните родители, сакале- нејќеле. Разни ситуации, богатство од раси, многу различни човечки и кучешки судбини. И емоции поврзани при удомувањето куче или со простувањето од него. Познавам луѓе што легнале болни по смртта на домашно куче или маче.
Сум растел како дете во Ресен со две-три ловџиски кучиња што ги чуваше татко ми, познат ми е тој близок однос. Сѐ уште паметам како сум плачел, големи солзи сум ронел, кога ни го отруја Рекс, а имав осум години. Сме чувале со сопругата во два наврата мачка, не се решивме по третпат за да не ја разбудуваме уште еднаш тагата за загубата. Значи, ја знам приврзаноста на човекот и домашното љубимче. Симпатични ми се оние што се приврзуваат, секој на свој начин и секој од свои причини. Конечно, не случајно се рекло дека кучето е најдобриот пријател на човекот.
Немам ништо против домашните миленици, но имам против оние сопственици што не водат сметка за околината и за чувствата на другите луѓе. А такви во Скопје ги има во поголем број.
Не знам како е во другите населби во Скопје, но во Центар, кај што живеам, среќавам сопственици што не водат сметка за своите кучиња. Ги шетаат без заштитни маски и ги пуштаат да вршат нужда каде што ќе стигнат, оставајќи го изметот несобран.
Иако не е баш пријатно кога се пишува за измет, но тротоарот на улицата Народен фронт во Капиштец наутро е послан со него, со го.на, да ми простите. На тревникот околу детското игралиште до трговскиот центар „Зебра“ треба да отвориш четири очи да не згазнеш во измет. На тој тревник ги мочаат и „какаат“ кучињата. Не знам колку пати сум ги миел чевлите на внуците од таа смрдлива смеса, а и сопствените понекогаш.

Тротоарот на улицата кај градинката каде што оди внука ми е слика и прилика на самоволието на сопствениците. Нема ден да не се спомне извикот „пази го.но“. Просто е несфатливо како тие неодговорни сопственици не помислуваат дека тука се движат мали деца, дека им го загрозуваат нивното здравје.
И во дворот на соседното училиште ужива понекое куче со својот сопственик, иако во едниот дел има табла со пречкртано куче – знак дека не е дозволено тука да се шета. Но и кон тоа предупредување некои се однесуваат како да се слепи. Пред неколку дена една фрустрирана мајка дојде во дворот да ги чека своите деца со две големи кучиња, кои слободно мочаа на жардиниерите. Децата се срамат да мочаат, кучињата не знаат што е срам, а сопствениците се сосема без срам.
„Не се криви кучињата, криви се луѓето“, ми вели еден родител очигледно изнервиран како мене од сликата што ја гледаме. Гледаме, а не реагираме, којзнае што може да си добиеме ако реагираме.
Зошто пишувам за оваа непријатна тема, зошто му посветувам текст на овој проблем?
Сите медицински наоди потврдуваат дека кучешкиот измет е многу поопасен отколку што мислат луѓето. Тој измет ги труе децата и луѓето.
Еве што велат докторите што се залагаат да се собира и отстранува кучешкиот измет од јавните површини. Тој измет предизвикува заболувања отпорни на антибиотици. Содржи микроорганизми што предизвикуваат бактериски инфекции и заболувања какви што се салмонела, ешерихија коли и други паразитски болести за кои е многу тешко да се утврди дијагноза и да се примени соодветна терапија.
Во Македонија имало неколку случаи кога кај лекар се носеле деца со тешки форми на воспаленија чие потекло не можело да се дијагностицира. Дури откако родителите кажале дека децата допирале кучешки измет се почнало со сериозни испитувања и примена на соодветна терапија. Една искусна докторка, семејна пријателка, која знае дека се дружам со внуците, во неколку наврати ми има зборувано за случаи на тешки здравствени последици по деца што биле заразени од контакт со кучешки измет, го.на или мочка.

Едно научно истражување во Америка јасно покажало дека штети на околината, на човековото здравје, дури и на самите кучиња, ако со устата допираат туѓ кучешки измет. Исто така утврдиле дека од 10 до 50 отсто од бактериите во воздухот што го дишеме произлегуваат од тој измет. Една друга австралиска студија ги идентификувала во поројните дождови, што покажува дека придонесува и во загадувањето на водата.
Текстов го објавувам како прилог во борбата за здравјето на децата и за чување на човековата околина. Можеби и како апел за подигнување на културата на чување кучиња. Ако ги подучуваме, ги воспитуваме и ги дисциплинираме кучињата, вреди истото тоа да се прави и за нивните сопственици. Да се крене „Анима мунди“. Да се забрани шетање кучиња во близина на детските игралишта. Да се ангажираат училиштата и градинките и да постават знаци дека е забрането движење на домашните миленици во нивните дворови, иако секој возрасен, образовен и културен човек треба да го знае тоа. Кучињата се мили, ама белки децата се помили.

[email protected]