Фото:Маја Јаневска Илиева

Според теолозите, Бадник е денот пред Божиќ, најава за празникот Божиќ, очекување на Христовото раѓање. Затоа на Бадник семејството е божји храм. Всушност, секој дом е црква и божји храм. Во секој дом се палат свеќа, темјан и кандило. Бадник значи будност. Самиот збор доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божиќ. Будни поради очекувањето на денот на Христовото раѓање…

ПРАВОСЛАВНИТЕ ВЕРНИЦИ ГО ПРОСЛАВУВААТ ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИЦИ

Бадник и Божиќ се празнувања што ги зближуваат членовите на семејството, фамилиите… Тоа се празници што носат топлина и радост во секој дом. На Бадник со семеен посен ручек или вечера се најавува еден од најрадосните денови во православието. На Божиќ, пак, се прославува Христовото раѓање, а со тоа и спасението на човечкиот род. Со посна трпеза на која главно место има лепчето со паричка, православните христијани во сабота го празнуваат Бадник и се подготвуваат да го пречекаат Христовото раѓање – Божиќ.
Според обичајот, на Бадник не се оди на гости. Целото семејство треба да се собере на маса, а пред вечерата се крши погачата. Верувањето говори дека на оној што ќе му се падне паричката ќе има среќа, успех и благодат во текот на целата година.
Според свештениците и теолозите, Бадник е денот пред Божиќ, најава на празникот Божиќ, очекување на Христовото раѓање. Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан и кандило. На Бадник е и последната посна трпеза, со овој ден завршуваат божиќните пости.

Што всушност значи Бадник

Бадник значи будност. Самиот збор доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божиќ. Будни поради очекувањето на денот на Христовото раѓање. Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа. Како и секоја година, така и оваа, Македонската православна црква излезе со апел до верниците да не се палат бадникарски огнови. Дополнително, веќе неколку години свештениците не ги благословуваат масовните гозби со бадникарски огнови, каде што се присутни сечењето бадникарски гранчиња, печењето колбаси, пиењето ракија и вино.
Велат дека Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмовите.

Божиќ и неговото значење

В недела православните верници го прославуваат Божиќ, еден од трите најголеми празници, кога, според христијанското верување, е роден Синот божји, Исус Христос. Божиќ е семеен празник и се одбележува во домовите и црквите. Луѓето на Божиќ се поздравуваат со „Христос се роди – Навистина се роди“.
Според стариот јулијански календар се раководи Македонската православна црква – Охридска архиепископија, заедно со најголемиот број православни верници во светот, како тие на Ерусалимската патријаршија, Српската, Руската, Грузиската црква, и на Света Гора се одбележува Христовото раѓање според јулијанскиот календар.
Централната прослава за Божиќ, пак, традиционално ќе биде во Соборниот храм, а празнични литургии ќе се одржуваат и во сите храмови низ земјата.
Рождеството Христово или Божиќ меѓу народот е познат како најрадосниот празник, а наедно тоа е празник од кој следуваат сите други господови празници, како Богојавление, Преображение, Страдања, Крстовден, Воскресение и Вознесение. Според теолозите, на Божиќ се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме неговиот роденден. Бог станал човек. Бог дошол на земјава. Христос е син божји, кој е роден како човек од Дева Марија. Тој е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот, нема грев, безгрешен е. Тој се родил една ноќ во градот Витлеем, во пештера. Тој е спасител. Дошол за да нѐ спаси. Да бидеме добри, како што е добар Бог. Добри секогаш, со секого и секаде.


Кога почнал да се слави Божиќ

Во Македонија, според традицијата, Бадник е поврзан со обредниот оган, како и со горењето дрво. Во минатото, а и денес, во македонските села и градови во помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокнуваат.
Според традицијата, рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци.
На овој начин, децата го најавуваат големиот христијански празник Божиќ.
Меѓу дванаесетте големи христијански празници Божиќ се празнува најсвечено. На овој ден се празнува раѓањето на Господ Исус Христос, второто лице од Светата Троица.
Истражувачите велат дека во првите три века од појавата на христијанството, денот на Христовото раѓање не бил познат. Подоцна кога христијанската црква настојувала да се одбере датум за одбележување на Христовото раѓање се одлучила за денот што бил поврзан со празнувањето на денот на младото сонце, односно 25 декември по грегоријанскиот или 7 јануари по јулијанскиот календар. Се верува дека Божиќ можеби и порано се празнувал, а за најрано спомнување или востановување се смета кога папата Либериј во 354 година го празнувал во Рим. Според други истражувачи, Божиќ за првпат бил празнуван во Константинопол (денес Истанбул), каде што бил востановен од Св. Григориј Богослов.
За Божиќ е поврзана поговорката „пред Божиќ, зад Божиќ, кај да си, дома да си“, со симболика дека за време на големиот празник треба да се биде во кругот на фамилијата и тука да се слушне веста за раѓањето на Исус Христос. Според македонската православна традиција, на Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин се приготвува богата трпеза, на која речиси е задолжително свинското месо.
Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик. Во некои македонски краеви на овие празници луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св. Стефан. Од Божиќ почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сѐ до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.