Иронична карикатура на грчкиот весник „Скрип“ на која е претставен претседателот на Република Македонија како ce обраќа на митингот во Патрас

Илинденското востание од 1903 година, за ослободување од османлиската власт и создавање македонска држава, предизвикало бура реакции и огромен публицитет во целиот свет, како и во соседните земји. Од денешен аспект, интересни се одгласите во Грција, каде што грчките власти ѝ ја ставиле на располагање на османлиската држава сопствената морнарица, за што побрзо да го задуши македонското востание. Но не сите во Грција имале негативен став кон македонските револуционерни борби и Илинденското востание, а таков пример конкретно е митингот во Патрас, од кој произлегла резолуцијата до француската, британската и италијанската влада за создавање македонска република

ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ ОД 1903-ТА И ВО ГРЧКИТЕ АРХИВИ

Илинденското востание од 1903 година предизвикало помешани реакции во грчко општество. Грчката влада и најголемиот дел од политичко-општествената елита имале негативен став кон револуционерните борби на македонскиот народ против османлиската авторитарна држава. Грчкиот државен врв го перципирал македонското востание како пречка за олицетворување на грчките територијални амбиции. Во овој контекст, грчката влада била во постојан контакт со османлискиот дипломатски претставник во Атина. Грчкиот премиер Ралис го советувал османлискиот амбасадор за што поскорашно задушување на востанието, а на османлиската држава ѝ ја понудил на располагање и грчката морнарица.
Меѓутоа, не сите во Грција имале негативен став кон македонските револуционерни борби и Илинденското востание, а таков пример конкретно е митингот во Патрас, од кој произлегла резолуцијата до француската, британската и италијанската влада за создавање македонска република. Митингот во Патрас и барањето за македонска држава предизвикале реакција на грчката влада и националистичките кругови, како и на некои од грчките весници.
Конкретно, митингот во Патрас првпат се споменува од Христо Силјанов во вториот том од капиталното дело „Ослободителните на Македонија“. Овој настан во македонската историографија е истражуван од страна на Ристо Поплазаров и Далибор Јовановски, а во грчката историографија не се ни споменува.
За настаните во Патрас, Христо Силјанов вели: „Коректноста наложува да признаеме дека се најде еден Грк што се обиде да ги оттргне сонародниците и власта од патот по кој тргнале. На еден митинг организиран во средината на август во Патрас, говорникот Андреопулос го нарече срамно пактирањето на Грците и власта со Турција и препорача да се создаде македонска република, како најдобро решение на македонското прашање. Во таа смисла беше гласна и резолуцијата. Целиот грчки печат стана на нога против таа предавничка резолуција од гледиште на грчките национални идеали, а претседателот Ралис му се закани на патранскиот управник со отказ, зашто дозволил да се донесе таква резолуција“.
Пишувањето на Ристо Поплазаров за митингот во Патрас е врз основа на информација објавена во софискиот весник „Автономија“, а дополнително настаните околу Патрас беа осветлени од проф. д-р Далибор Јовановски, кој ги пронајде пишувањата на грчките весници „Емброс“ и „Скрип“.

Во екот на Илинденското востание се одржал митинг во Патрас, на кој говорел Андреопулос и ја осудил проосманлиската позиција на грчката влада, а како солуција за македонското прашање предложил создавање македонска република. Учесниците на митингот во Патрас решиле да испратат резолуција до владите на Франција, Велика Британија и на Италија и ги повикале да организираат меѓународна конференција што би ја разгледала можноста за создавање македонска држава. Митингот предизвикал политичка бура во грчкото општество.
Грчката влада, од своја страна, го поставила прашањето зошто воопшто било дозволено одржување на овој митинг и позицијата на градоначалникот во Патрас била загрозена. Пред новинарите, премиерот Ралис изјавил дека митингот во Патрас е смешен и констатирал дека е невозможно кога Бугарите бараат автономија за Македонија, Грците да бараат независна република. Во подолгата телеграма до Ралис, градоначалникот на Патрас објаснувал дека организаторите на митингот биле познати смешни личности и затоа не сметал дека митингот е важен за да се забрани. Но кога дознал за што станува збор, веднаш побарал од началникот на полицијата да го спречи тоа.

Најдалеку во нападите отишол грчкиот весник „Скрип“, кој на првата страница од 10 август 1903 год. објавува една карикатура на која „претседателот на Република Македонија“ се обраќа на митингот во Патрас. За објавата на овој весник, проф. д-р Далибор Јовановски вели дека „била нацртана една карикатура на која претседателот на Република Македонија им ce обраќа на оние што присуствувале на митингот. На неа сите немаат глави или, поточно, немаат мозок, кога барале таква работа“.
Во однос на другите грчки пишувања, Далибор Јовановски посочува дека за разлика од оние што го исмевале митингот, весникот „Емброс“ ја истакнува опасноста за грчките интереси. Според Јовановски, „самиот факт што овој коментар се појавил на насловната страница на овој весник покажува колкава важност му била дадена на овој митинг. Постоењето на македонската држава не можело да биде прифатено.“ Д.Ст.


Димитрис Андреопулос побарал македонска република

Во Грција, првиот социјалистички весник „Арден“ бил објавен во 1885 година. Меѓутоа, грчкото социјалистичко движење започнало во 90-тите години на 19 век, со дејноста на Платон Дракулис и Ставрос Калергис, а во 1890 година во Атина било формирано Централното социјалистичко друштво. Дракулис во 1893 година првпат ги организирал мајските демонстрации, истата година во Патрас било формирано Социјалистичкото братство, а повеќето од неговите членови биле пријатели и приврзаници на Дракулис. Претседател на братството бил адвокатот Василис Дудумис, а секретар учителот Харилаос Димитропулос. Една од водечките личности во братството бил архитектот Аристотел, а негови членови биле и приврзаниците на социјалистот Ставрос Калергис и анархистот Маганарас.
Во овој период била формирана и организацијата „Армагедон“, со изразени христијанско-социјалистички верувања и силни либертаријански идеи. Главни дејци во оваа група биле Арнелос (брат на локалниот анархист Димитрис Арнелос), адвокатот Василис Теодоридис (близок до анархистичките идеи), Атанасиос Христогонопулос, Сотирис Киријапопуллос и адвокатот Теодор Капетанос.
Во Патрас била формирана и групата „Христијански егалитаризам“, која била блиска до идеите на „Армагедон“. Водач на оваа групација бил Димитрис Андреопулос или Кацивелос, исто така еден од пионерите на синдикалното движење во Грција. Всушност, Димитрис Андреопулос е човекот што им се обратил на присутните во Патрас и побарал македонска република.