Фото: Принт-скрин

Пандемијата на ковид-19 го рашири вакциналнот национализам, додека раните денови на ХИВ-кризата беа проследени со хомофобија, стигматизација и нееднаков пристап до третманите за лечење. А сега, со 16.500 случаи на мајмунски сипаници во Европа, историјата се повторува, пишува „Политико“, осврнувајќи се на напорите за снабдување со вакцини против заразата која се опишува како „блага“, но може да резултира долгорочни последици.

Заразата може да се прошири преку сексуален контакт, дури и преку бакнеж. А избивањето доведе до несогласување околу тоа како да се пружи прецизна, но нестигматизирачка порака, додека ограничените количества вакцини и строгите критериуми за нивна достапност оставија многумина без пристап.

Низ Европа варираат прописите за достапност на вакцини против мајмунски сипаници. На пример, Франција има залихи од вакцината на данската компанија „Баваријан Нордик“ предвидени за епидемија на сипаници. Таа вакцина е одобрена и за заштита од мајмунски сипанции, со што француската влада пушти за употреба 42 илјади дози. Тоа е спротивно со практиката во други држави кои се соочуваат со недостиг на вакцини и се принудени да го ограничат пристапот. Холандија досега ги нуди вакцините на оние што примаат терапија против ХИВ, а во Белгија се достапни за хомосексуалците со барем две полови болести во изминатата година за кои поседуваат документација.

Достапноста на вакцините на „Баваријан Нордик“ се разликува низ Европа, но и во самите држави, бидејќи е тешко да се одреди колкави се залихите што националните влади ги држат во тајност. Европската комисија нарача повеќе од 163 илјади дози за ЕУ, но тоа е далеку послабо во однос на Франција која купи 250 илјади дози и во однос на Обединетото Кралство што се снабди со 130 илјади дози.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, пак, пушти во употреба над милион дози од вакцините на „Баваријан Нордик“ што ги имаше во залихи и прогласи национална вонредна здравствена состојба.